Имам разузнавачки информации, кои ме загрижуваат, а тоа е дека голема сила ќе побара повлекување на КФОР и на УНМИК од Косово, изјави денеска српскиот претседател Александар Вучиќ, по посетата на касарната во Дедиње.
-Тоа би било катастрофа за нас и не знам дали сте свесни што би значело тоа. Јас ќе го замолам Столтенберг да го искористи своето влијание за да спречи тоа да се случи – рече Вучиќ.
Тој обајсни дека го очекуваат важни состаноци, односно дека претседателот на Словенија утре ќе ја посети Србија но и дека Вучиќ ќе оди во таа земја, на самит, каде треба да се состане со лидерите од регионот, но исто така со Вљоса Османи.
– Оттаму, одам директно во Брисел, а вечерта ќе се сретнам со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг на вечера, и тој разговор ќе биде многу важен – рече Вучиќ.
Тој исто така рече дека не може да каже за која земја станува збор, но и дека тоа се разузнавачки информации од официјални извори.
Вучиќ рече дека средбата со Столтенберг е од особено значење.
Тој додаде дека Приштина најави дека годишно ќе издвојува 100 милиони евра за армијата, што е неспоредливо со Србија, која е на ниво од две милијарди евра.
– Овие податоци не може да се споредуваат и не треба да се плашиме, но јасно ни е што некој би сакал да направи – рече Вучиќ.