Српскиот претседател Александар Вучиќ денес го поднесе извештајот за Косово во српското Собрание, во кој се вели дека доколку не се постигне компромисно решение ќе следат напади врз Србите во Косово, бидејќи Албанците се нетрпеливи, но доколку се случи таквиот компромис, за што тој е скептичен, тогаш ќе има референдум, пренесува српскиот весник „Политика“.
– Или ќе се согласиме на замрзнат конфликт, или треба да бараме решение. Додека сум претседател во следните три години доколку Косово ги укине таксите, ќе дадам сѐ од себе за да постигнеме компромисно решение во кое ќе бидат заштитени нашите интереси и нашата безбедност – изјави Вучиќ.
Собраниската седница беше бојкотирана од голем дел од опозицијата. Вучиќ изјави дека седум години односите меѓу Србија и Косово не се добри за стабилноста и економијата на регионот, а Србија ќе биде подготвена за дијалот откако ќе се укинат таксите. Голем дел од опозицијата што ја бојкотираше седницата на Собранието тврди дека граѓаните на Србија нема од претседателот да слушнат ништо ново, а нема да има ниту предлог за решавање на косовското прашање.