Политиката кон Балканот од новиот американски претседател ќе треба да се гледа во поширок контекст и со односите на Вашингтон кон Брисел, Москва и Пекинг. Во основа, настојувањето на новата администрација на Бајден ќе биде кон намалување на влијанието на Русија и на Кина на овој дел од регионот. Во исто време тоа ќе значи и посилна поддршка на политиките за интегрирање на регионот во Европската Унија, сметаат меѓународните експерти
Сад синхронизирани со еу
Изборот на Џо Бајден за претседател на САД ќе значи продолжување на политиката на Вашингтон за повторно враќање на Балканот, но тоа во иднина ќе биде правено синхронизирано и во координација со Европската Унија. Првите сигнали за тоа дали има поголеми скршнувања од досегашната американска политика за регионот, што ја практикуваше администрацијата на досегашниот претседател Доналд Трамп, ќе се знаат по чекорите што новоизбраниот претседател на САД ќе ги направи во однос на договорот за економска соработка меѓу Србија и Косово. Во целина гледано, намерата на новиот станар во Белата куќа ќе биде намалување на влијанието на Русија и Кина на овој дел од светот, посочуваат повеќе експерти за меѓународни политички односи и политики.
– Враќањето на САД на Балканот по изборот на новиот претседател ќе треба да се гледа во поширок контекст и со односите на Вашингтон кон Брисел, Москва и Пекинг. Во основа, настојувањето на новата администрација на Бајден ќе биде кон намалување на влијанието на Русија и на Кина на овој дел од регионот. Во исто време тоа ќе значи и посилна поддршка на политиките за интегрирање на регионот во Европската Унија. За најголемото отворено прашање за Косово, САД и ЕУ ќе имаат синхронизиран настап. Во однос на Босна и Херцеговина се очекува да се намали влијанието на некои одлуки од Бања Лука, кога се во прашање менувањето и спроведувањето на Дејтонскиот договор.
Ние не знаеме како ќе се одвиваат работите во следните четири години на релацијата САД – Русија – Кина и, секако, како ќе се одвиваат работите во самата американска држава и дали ќе продолжат поделбите меѓу граѓаните, кои беа изразени на последните претседателски избори – вели Веско Гарчевиќ, професор по меѓународни односи на Факултетот за глобални студии на Универзитетот во Бостон, во разговор за ТВ Прва.
Во наредниот период се очекува на Балканот со свое влијание поактивно да се вклучи и Велика Британија, која со САД е „подалечен“ партнер на земјите од Западен Балкан, смета Јелица Миниќ, претседателка на Европското движење во Србија.
– Регионот е целосно опкружен со држави-членки на ЕУ, и тој во голем дел, иако не формално, е интегриран во европската заедница, а три држави од регионот се и членки на НАТО. Затоа, Балканот во круговите на ЕУ се смета дека претставува „мек стомак“ на Унијата, каде што сите потези на надворешните партнери внимателно се следат. Ќе биде интересно да се следи како овие две држави ќе ја спроведуваат договорената соработка во нашиот регион, бидејќи нивното економско присуство не може да се споредува со Русија, Кина, Турција и Обединетите Арапски Емирати, додека политичкото присуство се разликува од земја до земја – вели Миниќ за „Данас“.
Односот на новата американска администрација кон договорот за економска соработка меѓу Белград и Приштина, што беше постигнат кон крајот на првиот претседателски мандат на Доналд Трамп, ќе биде најдобар сигнал во кој правец ќе се манифестира новата политика на САД кон балканскиот регион.
– Се чини, идната политика на Вашингтон ќе биде координирана со ЕУ – заклучува Миниќ.
Американскиот експерт за меѓународни односи за Балканот, Даниел Сервер, смета дека со промената во Белата куќа останува економскиот договор меѓу Белград и Приштина, но нагласува дека тој не е обврзувачки за САД.
– Со изборот на Џо Бајден за претседател на САД, пристапот на Вашингтон кон Балканот може да се промени. Договорот меѓу Србија и Косово постои, иако нема да има големо значење дури и да биде спроведен. Договорот не ги обврзува САД на ништо, а досега не сум слушнал ништо за негово спроведување од страна на Приштина и Белград – изјави Сервер за „Дојче веле“.
Поединечните коментари на косовските лидери за да се прекине дијалогот за нормализација на односите со Србија е обид темата за обвиненија против водството на ОНА, пред Специјалниот суд во Хаг, да се искористи за краткорочна цел, изјави Петер Стано, портпарол на ЕУ.
– Косовското општество е доволно зрело за да разбере дека дијалогот не може да се користи за краткорочни политички расправи. Дијалогот нема алтернатива – им порача Стано на косовските лидери, со изјавата за Радио Слободна Европа.
Наспроти нарушените политички односи на Косово, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Џозеп Борел, и специјалниот претставник за дијалогот, Мирослав Лајчак, остануваат на намерата за постигнување сеопфатен договор меѓу двете земји.
– ЕУ ја цени јасната визија на косовскиот премиер Авдулах Хоти за неговата подготвеност да направи тежок избор покажувајќи доследност, зрелост и умереност, особено во време полно со предизвици – истакна Стано.