Против 45 вработени во локалната управа на Будва и јавните претпријатија ќе биде покрената дисциплинска постапка и ќе им биде даден отказ, бидејќи подолг период не доаѓале на работа.
– Тој проблем го наследивме од претходната власт, а во екстремни примери трае од 2005 година, што општинската каса ја чинело многу пари. Ако се направи пресметка на заработувачката во последните 10 години, општината со јавните претпријатија недоаѓањето на работа ги чинело досега најмалку 5,6 милиони евра – изјави потпретседателот на општина Будва, Владимир Булатовиќ.
Станува збор за вработени, кои просечно имаат по седум години работен стаж, а отсуството од работа не го оправдале на било кој од пропишаните начини.
Булатовиќ истакна дека неговиот мотив да се занимава со неоправданото отсуство од работа е со цел да се заштити големиот број вработени кои совесно, одговорно и професионално ја извршуваат својата работа.
– Според некои податоци, најмалку случаи за отсуство од работа има во општината, а најмногу во јавните претпријатија. Одговорноста за организација на работата е на секретарите, шефовите на служби и другите одговорни лица – нагласи потпретседателот на општината Будва.
Тој побара од вработените, кои, според него, од некакви причини не можат адекватно и одговорно да ја извршуваат својата работа, да ја искористат можноста и да добијат отпремнина.