Хрватскиот институт за јавно здравје (ХЗЈЗ) соопшти дека постепено се намалува бројот на болни од грип, од кој досега официјално заболеле 48.080, a 75 луѓе починале.
ХЗЈЗ истакна дека оваа сезона на грип е многу поинтензивна во однос на бројот на заболените во споредба со претходните пет сезони, вклучувајќи и поголем број хоспитализирани луѓе и повеќе смртни случаи поради компликации кои ги предизвикала болеста.
Според хрватските медиуми, досега се пријавени 75 починати, а во сезоната 2017/2018 имало 29 смртни случаи.
Се проценува дека во Хрватска годишно од грип умираат околу 500 луѓе, од кои само мал број се официјално пријавени. Според ХЗЈЗ, тешко е да се каже колку точно луѓе умираат директно, или, почесто, индиректно од грип, како резултат на влошување на основната болест или компликација, како што се пневмонија или сепса.