Нова антитерористичка операција е започната во турската југоисточна област Дијарбакир, објави денеска турското Министерство за внатрешни работи, пренесува „Анадолија“.
– Операцијата „Јилдирим-7“ е насочена кон целосно елиминирање на сепаратистичката група ПКК и неутрализирање на сите терористи што се имаат засолнето во регионот – се вели во соопштението на Министерството.
Во операцијата се вклучени најмалку 1.495 припадници на безбедносните сили, меѓу кои силите за специјални операции на жандармеријата, полицијата и локалните чувари на безбедноста.
Операцијата е најновиот обид на Турција за неутрализирање на ПКК во регионот по почетокот на операцијата „Јилдирим-6“ на 19 август.
Министерството соопшти дека во операциите „Јилдирим“ неутрализирани се најмалку 31 терорист, уништени се 48 пештери, засолништа и магацини, а запленети се и големи количини оружје, муниција и други ресурси.
Во соопштението се додава дека операциите против терористите продолжуваат без запирање и со поддршка на турската јавност.
Во својата над 30-годишна кампања против Турција, ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, САД и Европската Унија, е одговорна за смртта на околу 40.000 луѓе, меѓу кои деца и жени.