Банкарскиот пазар во Србија во изминатите години значително се смени, а се намалува бројот на малите банки, кои стануваат дел од системот на големите играчи. Во наредниот период може да се очекува натамошно укрупнување во овој сектор, преку продажбата на уделите во банките што се во мнозинска сопственост на државата, пишува „Политика“.
Трендот на намалување на бројот на вработени во банкарскиот сектор во Србија е почнат во 2009 година, кога беа вработени 30.876 лица. Денеска нивниот број изнесува 22.467. Од 34 банки (21 приватна) пред десет години, денес има 28 банки, од нив 23 се приватни. Во пет банки државата е мнозински сопственик.
Професорот на Белградската банкарска академија, Зоран Грубишиќ, вели дека во наредниот период ќе се намалува бројот на банките во Србија.
– Потребно е да има намалување. Затоа што нивната профитабилност не е како што беше пред неколку години. Просторот за приходи и за намалување на трошоците се стесни. Во Србија треба бројот на банките да се намали за половина, но не може да се очекува дека тоа да се случи набрзо – вели Грубишиќ, во разговор за Танјуг.
Економистите долго време проценуваат дека во Србија има многу банки според бројот на корисниците. Со префрлањето на банкарските работи на Интернет ќе се намали потребата од повеќе банкарски работници.