Пазарот на недвижности во Србија лани порасна за најмалку 20 отсто, а цените не се намалија и кога опадна продажбата во март и во април
По појавата на епидемијата на коронавирусот на почетокот на минатата година се очекуваше голем пад на пазарот на недвижности во Србија. Но предвидувањата за драстично намалување на цените не се остварија. Цените на становите останаа непроменети, додека продажбата на викендички и куќи надвор од градовите се удвои. Најбарани се куќите за одмор во Војводина, додека продажбата на деловните простории единствено бележи пад на потрошувачката. Друг важен индикатор е тоа што дури 67 отсто од купувачите ги платиле недвижностите во готово, а не со кредит, покажуваат податоците на Републичкиот геодетски завод, пренесува „Србија данас“.
На почетокот на годината за време на вонредната состојба се случи мал застој на пазарот на недвижности, но состојбата брзо се стабилизира.
– Побарувачката и натаму е поголема од понудата. Пазарот на недвижности лани пораснал за најмалку 20 отсто. Цените не паѓаа и кога се намали продажбата во март и во април. Наспроти ова, многу граѓани вложувањето во недвижности го гледаат како стабилна заработувачка и за време на криза – вели економистот Ѓурад Петровиќ.
Големиот скок на побарувачката за викендички и куќи надвор од градовите е незабележан и претставува економски феномен.
Во околината на Златибор викендичките се продаваат по цена од 26.000 до 250.000 евра, а во околината на Белград е потребно да се издвојат просечно по 50.000 евра за станбена единица.
– Официјалните податоци покажуваат дека повеќе од 600 викендички се купени во првата половина на минатата година. Пандемијата многу придонесе за растот на пазарот на недвижности надвор од градовите, на локациите како што се Авала, Космај и Фрушка Гора. Овој тренд се очекува да продолжи. На страната на понудата нема многу викендички за продажба, поради тоа повеќе се градат нови, како и куќи од дрво и бунгалови – велат од Републичкиот геодетски завод на Србија.
Како карактеристика на пазарот во Србија е тоа што поскапите станови и куќи се купуваат повеќе.
– Највисоката просечна цена на становите е во Општина Савски Венац, каде што се извршени првите 40 најскапи продажби. За тоа влијаеше комплексот „Белград на вода“. Најскапиот квадрат во новоградба во оваа населба е продаден за 9.124 евра, а стан за 1.380.888 евра. Од друга страна, најниска цена е платена за квадратен метар на станбен простор во Тутин од 400 евра, како и во Бор, Мајданпек и Зајачар – потврдуваат од Републичкиот геодетски завод во Србија.
Минатата година во Србија биле издадени и 10 отсто повеќе градежни дозволи, а најголемиот број е за згради. Забележан е и раст на прометот на градежното земјиште, што покажува дека овој пазар се стабилизирал. Најголем раст од градските средини има во Панчево, која стана посакувана локација за купувачите.
Цената на квадрат за стан во Панчево беше 850 евра, а сега во поширокиот центар изнесува меѓу 1.000 и 1.500 евра. Ова се просечни цени во некои населби во Белград. Пазарот на недвижности во Нови Сад исто така бележи раст. Просечната цена за станови во градба е 1.300 евра по квадрат. Овие цени се пониски за 14 отсто од пазарната цена.