БОСНА И ХЕРЦЕГОВИНА

Поради случаите со инфицирани медицински лица се затвораат цели одделенија во одделни здравствени установи во Босна и Херцеговина. Заради подобрување на здравствената заштита во време на епидемијата на коронавирусот, надлежните институции побараа помош во опрема од други земји.
Клиниката за гастроентерохепатологија на Клиничкиот центар на Универзитетот во Сараево е ставена во изолација, затоа што четворица доктори од оваа установа се позитивни на коронавирус. Директорката на клиниката Себија Изетбеговиќ изјави за „Дојче веле“ дека една од докторките одела на работа со симптоми на настинка, но не пријавила навреме дека имала ризични контакти. Таа направила тестирање откако заминала на боледување. Откако било констатирано дека е позитивна на вирусот, клиниката била затворена, а во меѓувреме се заразиле уште тројца доктори.

Во БиХ се забележани уште неколку случаи на заболени лица од медицинскиот персонал. Од Универзитетскиот клинички центар во Тузла, 120 лица се ставени во изолација. Ова е направено откако се констатирало дека вработените имале контакти со друг медицински центар во Тузла. По тестирањето, три лица биле позитивни, а во вториот објект била заразена една медицинска сестра. Затворена е клиниката за кожни болести, бидејќи две вработени се позитивни на коронавирус. Две заразени лица има и од вработените во Домот за здравје во Кантонот Сараево.