Во водите на Лепенец, по деветневна потрага, попладнево, е пронајдено телото и на вториот косовски полицаец, Арменд Трена.
Како што потврдија од Специјалната единица за спасување на Безбедносните сили на Косово, кои покрај другите надлежни служби беа вклучени во потрагата, телото било пронајдено попладнево на шест километри од местото на несреќата.
Телото на полицаецот Малесор Даши (26), беше пронајдено на 3 мај на пет километри од местото на несреќата. Тој беше погребан наредниот ден, во родното село, кај Качаник.
Двајцата полицајци Арменд Трена (23) и Малсор Даши (26), беа од Полициската станица од Качаник. Се водеа како исчезнати откако вечерта на 28 април околу 21 часот, службеното возило од непознати причини излетало од патот во амбис длабок 150 метри и завршило во водите на реката.
Инаку по барање на косовските власти во потрагата на телата на полицајците беше вклучено и македонското Министерство за внатрешни работи по течението на реката Лепенец на македонска страна.