Во земјите од Западен Балкан преовладуваат еднонационалните бракови, а склучувањето мешани бракови по 1990 година е во постојано опаѓање
Околу 40 отсто од граѓаните на Босна и Херцеговина (или 38,7 отсто) се против мешаните брачни заедници, покажало истражувањето што било спроведено за 2018 година од агенцијата „Прима комуникации“. Против мешаните бракови се изјасниле 55 отсто од Србите, 43 отсто од Хрватите, 33 отсто од Бошњаците и 12 отсто од лицата што се изјаснувале како Босанци. Според податоците на ентитетските заводи за статистика на Федерацијата БиХ и Република Српска, во текот на 2019 година во БиХ биле склучени 18 илјади брака, од нив 600 се меѓу припадници на различна национална припадност. Жените од бошњачка етничка припадност склучиле 9.699 брака, од нив 84 се омажиле за Хрвати, а 14 за Срби. Од хрватска националност се склучени 1.524 брака, од нив 149 се меѓу Хрватки и Бошњаци, а 14 се одлучиле за животен партнер од српска националност. Во Република Српска Србинките склучиле 5.013 брака, од нив 55 за брачни партнери имаат Хрвати, а 75 се омажиле за Бошњаци. Од 400 припадници на бошњачката заедница во РС, 315 се венчале за партнер од својата националност, 71 од српска националност, а четири брака се со Хрвати, пишува Радио Слободна Европа.
Психологот Срѓан Пухало забележува дека, според етничката перцепција за мешаните бракови, воочливо е дека Србите и Хрватите во БиХ повеќе се противат на мешаните бракови, за разлика од Бошњаците.
– Оние етнички групи што се сметаат за загрозени или се во малцинство, повеќе се противат на бракот од друга националност. Тоа е можеби поради стравот од исчезнување или е некоја гаранција дека доколку се држат до својата етничка група подобро ќе опстанат во БиХ – вели Пухало за РСЕ.
За ваквата слика влијание има војната во Босна и Херцеговина, во која меѓусебно војуваа Србите, Хрватите и Бошњаците. Но ваквата слика не е карактеристична само за БиХ. Податоците на Статистичкиот завод на Србија покажуваат дека преовладуваат еднонационалните бракови, кои од 2015 година константно изнесуваат околу 88 отсто. Мултиетничките бракови минатата година изнесувале 4.111. Од нив најмногу се склучени меѓу Срби и Унгарци (околу три илјади), следуваат брачните заедници меѓу Срби и Хрвати (1.200), меѓу Срби и Романци и Срби и Црногорци (околу 900 брака). Во 2019 година биле склучени 365 брака меѓу Срби и Албанци, а нивниот број со текот на годините е во постојано опаѓање. Во 2015 г. се склучени 113, а во 2019 г. само 49 мешани брака од овие две националности.
– Во текот на набљудуваниот период 2015-2019 година се забележуваат благи варијации, но без поголеми отстапувања во бројот на склучените бракови меѓу припадниците на различни националности, кои не нѐ упатуваат на долгорочни тенденции – се наведува во анализата на Заводот за статистика на Србија.
Во Матичната служба на Општина Бујановац, која е на југот на Србија со мнозинство албанско население, во последните пет години немало склучено ниеден мешан брак од српска и албанска националност. Слична е состојбата и во соседната Општина Прешево.
Кујтим Садриу, извршниот директор на невладината организација Центар за истражување и мониторинг од Прешево, во изјава за Радио Слободна Европа вели дека нема вакви двонационални бракови, поради тоа што политиката и медиумите ги индоктринираат младите Срби и Албанци со омраза и непријателство.
– Овде младите Срби и Албанци, условно кажано, чекорат секој на својата страна на улицата. Не се дружат, не се запознаваат и не се венчаваат – вели Садриу.
Мултиетничките бракови во Општина Пријепоље, на тромеѓата меѓу Србија, БиХ и Црна Гора, не се реткост, но тие се помалку во споредба со некогашната југословенска заедница, а слична е состојбата и во Нови Пазар, најголемиот град во Санџак. Тамара Џамоња Игњатовиќ, професорка по психологија на Факултетот во Белград, вели дека непопуларноста на мешаните бракови во Србија и на просторите на поранешна Југославија, се должи на „болното искуство од блиското минато исполнето со војни“.
– За разлика од периодот по Втората светска војна, кога постоеше позитивна пропаганда на братство и единство, во сегашниот период мешаните бракови се следени од голем број силни предрасуди, кои се наметнуваат од одредени медиуми. Ваквите предрасуди се јавуваат и во различните социолошко-психолошки истражувања, што потврдува дека социјалната дистанца е најсилна кон Албанците, а потоа кон Хрватите. Овие предрасуди се длабоко вкоренети во општеството и на лично ниво – изјави Џамоња Игњатовиќ за РСЕ.
Според податоците на Државниот завод за статистика на Македонија, во мај 2019 година бројот на Македонките што стапиле во брак е 7.037, од нив 17 со партнер од албанската националност, 16 од турска и 52 од српската националност. Од 4.841 Албанка што склучиле брак, 38 се омажиле за Македонец, 31 за Турчин, а не бил склучен брак меѓу Албанка и Србин. Припадничките од српската националност склучиле 121 брак, од нив 99 имаат брачен партнер Македонец, а четири Албанец. Припадничките на бошњачката заедница склучиле 101 брак, од нив две се омажиле за Македонец, 16 за Албанец и една склучила брак со Турчин.
Според социологот Илија Ацевски, за Македонија, која избегна поголем воен конфликт, најголем проблем е што чинот на брак со лице од друга вера сѐ уште се доживува како предавство.
– Тоа мора да се признае и да се нема илузија. Кај нас тоа носи длабоки корени во историјата. Од времето на борбата за зачувување на верата против исламизацијата, која била силна на овие простори. Но тоа не е оправдание за лошиот однос што околината и семејствата најчесто го имаат за младите. Коментарите и презирите од страна сѐ уште се неверојатни – изјави Ацевски за „Нова Македонија“.
Војводина со најмногу мешани бракови
По 1990 година во сите поранешни југословенски републики и покраини, освен во Црна Гора, се забележува како деградацијата на меѓунационалните односи влијаела на намалување на меѓуетничките врски, и тоа од 13,5 отсто во 1990 година на девет отсто во 2005 година, е заклучокот во анализата на етничките мешани бракови во поранешна Југославија, во периодот од 1970 до 2005 година, спроведена од Снежана Мрѓен од Универзитетот во Задар.
Војводина се истакнува, покрај опаѓачкиот тренд, како подрачје со најголемо учество на мешаните бракови со 25 отсто. Косово е со најмало учество. Најзначајни промени по 1990 година се случиле во Хрватска, каде што етничките мешани бракови од 19 се намалиле на седум отсто. За сите земји е заедничко тоа што за жените е помала можноста да се венчаат надвор од својата етничка национална заедница, во споредба од мажите.