Последните години Србија вложува значителни средства од државниот буџет за обновување и осовременување на српската армија, а Хрватска е во долготраен процес на набавка на нови воени авиони
Србија
Србија е најсилна воена сила меѓу земјите од поранешна Југославија и на светската ранг-листа на највооружени земји се наоѓа на 61-та позиција. Нејзиниот „воен“ индекс за минатата година изнесува 1,0063. Нејзиниот најголем регионален ривал во вооружувањето, Хрватска, е две места подолу на листата со фактор 1,0331 (63-то место), Словенија на 88-то. По нив на 121-то место од 139 земји се наоѓа Босна и Херцеговина со индекс на воена моќ од 4,0474, Црна Гора е на 123-то место, а Македонија на 133-то. Албанија, која припаѓа на Балканскиот Регион, е на 113-та позиција, покажува најновата ранг-листа на земјите според светскиот индекс на „Глобал фајрпауер“.
Листата е направена врз основа на повеќе од 50 фактори од кои се утврдува индексот на воена сила. Колку овој индекс е поголем толку позицијата е полоша. Најсилна светска воена армија има САД со индекс од 0,0718, а Русија е на второто место. Кина на третото, четврта е Индија и веднаш зад неа е Јапонија. Најсилна европска земја е Франција (седмо место), а следуваат Велика Британија (осмо место), Турција е на 11-то, Италија на 12-то и Германија на 15-то место.
Србија последните години вложува значителни средства од државниот буџет за обновување и осовременување на српската армија. Во остварување на оваа цел, српскиот претседател Александар Вучиќ, како врховен командант, тргнува од политиката на „воена неутралност“, а тоа го манифестира и преку договарање набавка на воена опрема од различни земји и производители. Поради ова, тој е изложен и на критиките на НАТО дека Србија премногу се потпира на воената опрема од Русија и од Кина. Според мислењата на одредени воени експерти и критичари, ваквата политика на Вучиќ е без „јасен план и цел“, што ги отвора прашањата за тоа дали различните типови оружје можат да бидат компатибилни при евентуален напад врз Србија, пишуваше неодамна „Дојче веле“.
Во изминатиот период во српските медиуми беа пренесени информации за набавката на беспилотни летала „бајрактар“ од Турција, кои се силно поддржани во одбраната на српското небо од руските противвоздушни батерии „панцир С1“, како и со набавката на половните и ремонтирани руски и белоруски авиони „миг“. Српската воздухопловна армија поседува и од француските ракети „мистрал“, како и хеликоптери од „Ербас“, кинески дронови, но и израелски беспилотни летала „хермес 900“ или „херон“. Сите овие набавки беа договорени или се најавени во иднина и се во насока на исполнување на Стратегискиот план на одбраната и за опремување на војската на Србија за период до 2030 година.
Српскиот претседател Александар Вучиќ во своите активности редовно ја истакнува воената моќ на српската армија во регионот. Токму таква активност беше најавена и за вчера со надлетување на воената авијација над главниот град Белград, како дел од редовната обука на воздухопловните сили на Србија.
– Ние никогаш нема да нападнеме. Ние само сакаме да имаме доволно силна војска за своето небо, а својата земја да можеме да ја одбраниме во секој момент – изјави Вучиќ, при минатонеделната вежба на припадниците на 72-та бригада за специјални операции, на која учествуваа и припадниците на 63-та падобранска бригада и дел од единиците на Военото воздухопловство и ПВО.
Во споредба со рангирањето на „Глобал фајрпауер“ од 2019 година, Хрватска бележи позитивен исчекор за седум места. Таа ќе направи поголем напредок во следниот извештај за воената сила на земјите, затоа што хрватската влада подолго време води постапка за набавка на нови борбени авиони, со што ќе може да ѝ „парира“ на Србија во одбраната на воздушниот простор. Но поради долгата и сложената постапка за избор на најдобар понудувач, и влошената финансиска состојба поради корона-кризата, хрватската влада привремено го одложува купувањето на новите воени авиони. За тоа ќе бидат потребни најмалку три години, а во овој период ќе бидат приземјени последните „мигови“, авиони од руско производство. „Јутарњи лист“ деновиве пишуваше дека постои опција хрватската влада да побара од своите НАТО-сојузници помош за контрола на воздушниот простор над Хрватска.
Во овој момент, нерешеното прашање на Косово, долгогодишната политичка криза во Босна и Херцеговина и поседувањето голем број илегално оружје меѓу населението во земјите од регионот се највисоките безбедносни ризици за Балканот. Албанскиот експерт по безбедносни прашања, Арјан Дурмиши, изјави дека на Балканот има пет милиони парчиња оружја во рацете на граѓаните. Според него, постојат обиди да го искористат одредени криминални организации, како што е терористичката ИД.
– На Балканот, во рацете на цивилите има околу пет милиони парчиња оружја до кои може лесно да се дојде. Терористичките групи им приоѓаат на луѓето што имаат оружје, не откривајќи што работат. Дури и самата стратегија на ИСИС беше да охрабри мали групи да се самоорганизираат и да извршат од дела кои ќе има жртви – рече Дурмиши, гостувајќи во дебатна емисија на телевизијата Њуз 24.