Обилните дождови, кои паѓаа изминатите денови во Србија и во Босна и Херцеговина, предизвикаа поплави во одделни места, а предизвикана е и значителна материјална штета.
Повеќе од 100 семејни куќи и други објекти беа поплавени при излевање на неколку реки и потоци, и прогласена е состојба на природна непогода во шест општини во североисточна Босна и Херцеговина. Најлоша е состојбата во округот Тузла поради дождот што паѓа неколку дена. Покрај поплавување на повеќе од сто семејни домови, беше активирано и лизгање на земјиштето.
Поради поплавите, главниот пат што ја поврзува Тузла со Сараево беше прекинат. Најкритична е ситуацијата кај рудникот за јаглен Ѓурѓевик. Беа загрозени 150 куќи, а шест семејства беа евакуирани. Поројот го однесе стариот мост на реката Јања кај Биелина.
Метеоролозите за вчера најавија постепено престанување на врнежите.
Во седум општини во Србија е воведена вонредна состојба поради надојдените реки по обилниот дожд, изјави претставникот на српското министерство за внатрешни работи, Горан Николиќ. Поради надојдените води особено е критична состојбата во западниот дел на Србија. Во неколку населени места надојдената вода поплави десетици објекти, еден мост е урнат, а 48 луѓе се евакуирани.