Албанската влада денеска прогласи вонредна состојба во областите на Драч и Тирана, реони кои се најпогодени од разорниот земјотрес што ја погоди земјата вчера, при што, според најновите податоци, загинаа 27 лица, повеќе од 40 се извлечени од урнатините, а над 650 се повредени.
Премиерот Еди Рама рече дека вонредната состојба е прогласена врз основа на Устав и закон и подразбира не само финансиски одлуки, туку и голем број други мерки.
Лидерот на опозициската Демократска партија, Љуљзим Баша, вчера во повеќе наврати побара од владата да воведе вонредна состојба во земјата, по серијата земјотреси.
– Не знам дали оние кои се залагаа за тоа, се подготвени да се подложат на такви мерки. Тоа е причината поради која размислувавме, бидејќи вонредната состојба се совпаѓа со создавање на ново ниво на управување со ситуацијата во период од 30 дена – рече Рама, а објави албанскиот портал АРТ.
Во Албанија е Ден на жалост, а знамињата на сите институции се спуштени на половина копје поради жртвите од земјотресот со јачина од 6,4 степени по Рихтер.