По формирањето полициски резервен состав во Република Српска, федералните власти ги засилуваат полициските единици со нови вработувања
Претставничкиот дом на парламентот на Федерацијата на Босна и Херцеговина вчера ја продолжи вонредната седница за расправата за влошената безбедносна состојба, по активностите што беа преземени од власта во Република Српска за формирање резервен состав на полиција. Седницата на Претставничкиот дом беше прекината претходниот ден, а главна точка беше поднесената информација за пополнување на активниот состав на полицијата на ФБиХ со нови 110 службеници и тоа 55 во специјалната единица и 55 во единицата за поддршка.
Одржувањето на вонредната седница беше иницирана од Клубот на пратениците на ДФ-ГС, претставувана од пратеникот Хајрудин Жилиќ, кој ги претстави безбедносните предизвици со кои се соочува федерацијата.
Од овој пратенички клуб беа предложени три заклучоци, односно федералното министерство за внатрешни работи и кантоналните управи на полицијата да почнат активности за пополнување на составот на полицијата според правилниците за систематизација. Исто така, федералното министерство треба да подготви процена за безбедносната состојба и да почне подготовка за формирање единици за откривање, следење и спречување на каков било облик на загрозување на безбедноста.
Третиот заклучок се однесува на тоа Претставничкиот дом да се обрати до Советот на министри на БиХ, да се поддржат државните институции што се задолжени за мигрантски прашања во контекст на пополнување со човечки и финансиски ресурси.