Земјите од Западен Балкан остануваат да бидат потенцијален пазар за половните автомобили, кои се исклучуваат од сообраќај во развиените европски земји, поради амортизираност или строгите еколошки стандарди за спречување на загадувањето на околината. Во 2020 година, во Хрватска биле регистрирани над 2,2 милиона патнички автомобили, со просечна старост од 14,18 години. Во земјата, 68 отсто од возилата се постари од десет години. Просекот во Европската Унија е 11 години. Бројот на возила до една година старост е 117 илјади возила или пет отсто од вкупниот патнички возен парк во Хрватска. Бројот на регистрирани електрични возила во Хрватска е 1.343, а на хибриден погон се 8.080, плус 553 возила се со надворешно полнење.
Во Србија, лани биле регистрирани вкупно 2,6 милиони возила, од нив 206 илјади биле првпат регистрирани. Нови возила со тековна година на производство се 29.466, што е помалку за осум илјади возила од претходната година. Просечната старост на возилата е 17 години. Во 2020 г. се купени 482 екоавтомобили, електрични и хибридни патнички возила.
Во Босна и Херцеговина сообраќаат 953.191 патничко возило, со просечна старост од 16,5 години. Околу 13 отсто од вкупно увезените, 91.358 возила биле целосно нови, а другиот дел се користени возила. Лани во БиХ имало 12 електрични возила и 107 возила на хибриден погон.
Црна Гора до крајот на 2020 година имала 541 регистрирано електрично и хибридно возило. Според царинската управа на Република Македонија, во 2020 година во државава биле увезени 63 електрични автомобили. Речиси 80 проценти од возилата што се возат се постари од 10 години. Во Македонија досега биле увезени 3.345 хибридни автомобили и само 134 електрични автомобили. Учеството на новите и половните електрични автомобили што се увезени во земјава од 2017 до 2020 година е само 0,1 отсто од вкупниот увоз на патнички моторни возила.
Сите земји во регионот, освен БиХ и Косово, имаат некакви стимулации за набавка на еколошки прифатливи автомобили, пишува „Ал џезира“. Во Србија се одобруваат стимулации од 2,5 до пет илјади евра во зависност од видот на еколошкото возило. Во Хрватска стимулациите за електрични возила изнесуваат 9.150 евра, а за сите хибридни возила по 5.000 евра. Во Црна Гора се одобруваат 5.000 евра за купување електричен автомобил, а 2.500 евра за хибридни возила. Во Албанија ДДВ за увоз на електричен автомобил е нула, додека во Македонија има ослободување од плаќање данок до 20 отсто.