Земјите од регионот во последната година вложуваат значителни средства за обновување на сопствените војски. Во трката за вооружување предничи Србија, откако вчера на аеродромот во Батајница, Русија започна да ги доставува новите 30 тенка од типот „Т-72МС“, кои Москва му ги донира на нашиот северен сосед
Со неколку товарни воени авиони на руското министерство за одбрана вчера на аеродромот во Батајница започнаа да пристигнуваат тенковите што Русија ѝ ги донира на Србија, јавува новинската агенција „Спутник“. Како што пренесува балканската мрежа на „Спутник“, Руската Федерација му ја исполни желбата на Белград и ѝ донира 30 тенка од типот „Т-72МС“ на Србија. Како што изјави пред некој ден поранешниот министер за одбрана на Србија, Александар Вулин, земјата добива тенкови „Т-72МС“ како донација во рамките на воено-техничкиот договор постигнат меѓу претседателите Александар Вучиќ и Владимир Путин. Тој додаде дека благодарение на таа донација, српските оклопни единици ќе бидат „значително подобрени и зајакнати“. Како што пренесува српската агенција „Бета“, дел од воено-техничкиот договор меѓу Србија и Русија, покрај овие тенкови, се состои и од други оклопни возила, односно 30 борбени возила од типот „БРДМ-2“, од кои некои веќе пристигнаа во Србија.
Во меѓувреме, рускиот воен експерт Фјодор Болдирев оцени дека тенковите „Т-72МС“ што ги доби Србија и веќе постојниот српски тенк „М-84“ имаат заедничка база на советскиот „Т-72“, но и голем број заеднички нови компоненти и единици на руско производство, што ќе ја олесни нивната заедничка експлоатација во Србија.
– За условите на Балканот, на Србија не ѝ требаат посовремени тенкови, имајќи ги предвид слабостите на армиите на соседните земји – рече Болдирев за „Спутник“. Воениот експерт додава дека како дел од воено-техничката соработка, Србија набави и авиони ловци од типот „миг-29“ од Русија, хеликоптери „МИ-17“ и „МИ-35“, како и системите за противвоздушна одбрана „панцир“. Од друга страна, Борис Калноки, дописникот од Будимпешта, во својата анализа во весникот „Велт“ пишува за „општото вооружување на Источна и Централна Европа, особено на новите членки на ЕУ, кои забрзано го модернизираат својот безнадежно застарен арсенал од времето на Советска Русија“. Но како што заклучува тој едно е сигурно, колку повеќе актери се вооружуваат толку се поопасни политичките конфликти во регионот.
За потсетување, во изминатата година Србија и Хрватска значително вложија во обновувањето на сопствените воени авијации, што аналитичарите го сметаат како дел од трка во вооружувањето на земјите од регионот. Во тоа се вклучи и Бугарија, чија влада одобри набавка на осум борбени авиони „локид мартин“ од типот „Ф-16В“. Со реализацијата на оваа зделка, бугарската војска ќе има најсилно воено воздухопловство во регионот, а со набавката на овие летала таа го има решено прашањето на националниот воздушен простор во наредните три децении. Секоја држава што реално ги согледува и анализира безбедносните предизвици и закани, а особено во современите судири, посветува големо внимание на осовременувањето на сопствената авијација.
Речиси сите земји на Балканот, со исклучок на Романија и на Грција, се слабо опремени со воена авијација и затоа сега се одлучуваат за набавки на нови летала и опрема, сметаат воените експерти. Според прегледите за воената опременост, кон крајот на 2019 година во ниедна од земјите во Западен Балкан не се остварени пропишаните „безбедносни“ лимити. На пример, Србија и Хрватска според бројот на тенкови имаат пополнетост од 50 отсто, додека Босна и Херцеговина во овој поглед е најдобро рангирана, со 79,3 отсто, објави „Ал џезира“.