Од следната година ќе се применува Европскиот систем за патни информации
Промената на новите правила за влез на патници од „безбедносно ризичните“ земји беше најавувана од 2016 година, но Европскиот совет и Европскиот парламент ги усогласија ставовите за повеќе спорни точки во врска со електронската евиденција на патниците. Патниците од Западен Балкан ќе бидат обврзани да пополнуваат електронско барање за влез во шенген-просторот
Граѓаните од трети земји што се ослободени од плаќање визи, од следната година ќе плаќаат по седум евра за одобрување за влез во земјите од Европската Унија што се во шенген-зоната. Според досегашните податоци, околу 40 милиони патници што годишно влегуваат во ЕУ ќе бидат ставени во новиот патнички режим познат како Европски систем за патни информации и одобрување (ЕТИАС), кој треба да стапи во сила до крајот на 2022 година. Промената на новите правила за влез на патници од „безбедносно ризичните“ земји беше најавуван од 2016 година, но Европскиот совет и Европскиот парламент конечно ги усогласија ставовите за повеќе спорни точки во врска со електронската евиденција на патниците. Овој начин на евидентирање на влезот на странски граѓани во ЕУ е правен според примерот на американскиот модел ЕСТА (Електронски систем на патнички дозволи), кој е во сила од 2009 година. Во Брисел сметаат дека ЕТИАС ќе биде дополнителна заштита и ќе се знае кој влегува на територијата на шенген. Целта е преку давање вкрстени информации да се оневозможат криминални активности, терористички акции, движење на мигрантите, но и преминување на дозволениот рок на престој во ЕУ. Пополнувањето на формуларот со прашања ќе биде на интернет, а ќе се внесуваат лични податоци, број на пасош, образование, занимање, последните патувања и евентуално податоци за законски казни. Во прашалникот ќе има прашања и за здравствената состојба на патникот. Европскиот парламент спореше околу некои предлози, но на крајот попушти со ветување дека формуларот ќе се пополнува брзо и најавува дека околу 95 отсто од луѓето автоматски ќе добијат позитивен одговор за влез во ЕУ. Одговорот ќе стигнува за 96 часа. Дозволата за влез ќе важи три години или пократко, во зависност од важноста на пасошот. Податоците ќе бидат кодирани и сметаат дека се доволно заштитени, а пристап до нив ќе имаат само овластени лица. Личните податоци на патниците нема да се доставуваат до меѓународни или до приватни организации, со исклучок на Интерпол.
Издавањето на електронските документи ќе чини седум евра, односно шест фунти, а ќе биде бесплатно за помладите од 18 години и за постари лица од 70 години. Оваа цена се оправдува за покривање на трошоците за обработка на податоците.
Примената на електронските „визи“ предизвика реакции кај патниците од трети земји, како и од земјите од Западен Балкан. Под овој режим ќе бидат и државјаните на Велика Британија. Во Брисел објаснуваат дека ова не значи повторно воведување визи, туку е начин да „се пресретнат безбедносните проблеми“. ЕТИАС важи за 26 шенгенски земји, меѓу кои се членките на ЕУ, освен во Бугарија, Ирска, Кипар, Романија и Хрватска, како и за Исланд, Норвешка, Швајцарија и Лихтенштајн.
Од Европскиот совет, во февруари 2021 г., соопштија дека Европскиот систем за патни информации и одобрување не значи воведување визи за граѓаните од Западен Балкан.
– ЕТИАС не е виза. На граѓаните ослободени од визниот режим не им е потребна виза за влез во шенгенскиот простор. Во прашање е едноставен, евтин, брз и прифатлив систем за патниците што ќе добиваат позитивен одговор во најголемиот број случаи – се наведува во документот на Европската комисија.
За пополнувањето на формуларот е направено посебно упатство, а патниците ќе мора да го пополнат онлајн барањето, на посебно изработена интернет-страница или апликација. Пополнувањето нема да одзема многу време, а ќе бидат потребни информации како за издавање пасош или за друг сличен документ. Доколку лицето што патува не е во можност самото да го пополни формуларот, тоа може да го направи и трето лице, наведуваат од Европската комисија. Во случај на неодреден исход на барањето, тоа автоматски се префрла на рачна обработка, а во посебни случаи одговорот на барањето може да се продолжи за најмногу две недели. Каков и да е одговорот, тоа ќе биде доставено до подносителот преку електронска пошта.
Од ЕК објаснуваат дека постои разлика во процедурата меѓу издавањето виза и електронската дозвола за влез. Патниците немаат потреба да одат во конзулатите за поднесување барање за издавање виза, не е потребна биометриска регистрација и бројот на податоците што се собираат за ЕТИАС е помал од издавањето визи. Постапката за издавање шенген-визи може да трае до 15 дена, а во некои случаи и до 30 или 60 дена, за пополнувањето на барањето во системот ЕТИАС преку интернет се потребни десетина минути.