Албанија

Во Албанија има политичка поделба и таа е во групата на политички нестабилни и најнеразвиени европски држави. По доаѓањето на Еди Рама, претседателот на Социјалистичката партија на власт, се очекуваше напредок во земјата, но тоа не се случи. По позитивните сигнали во првите две години од неговото владеење, земјата се соочи со криминалот и корупцијата. Водечките опозициски партии, Демократската партија и Движењето за социјалистичка интеграција, се повлекоа од работата на албанското собрание во февруари 2019 година. Опозицијата ги бојкотираше локалните избори во 2019 година, а одзивот на нив беше само 22,96 отсто. Земјата во изминатите години станува главен нелегален производител на канабис и за трговија на тешки дроги и луѓе во Европа, како што покажуваат извештаите на Интерпол и на Стејт департментот, се наведува во анализата на Меѓународниот институт за блискоисточни и балкански студии (ИФИМЕС) од Љубљана, Словенија.

По објавување содржина од прислушувани службени телефонски разговори, беше откриено дека десетина политичари и функционери на владејачката Социјалистичката партија биле вклучени во организираниот криминал во купување гласови, застрашување на гласачите и во други криминални активности во изборниот процес во 2017 година.
Според индексот АМЛ на Институтот во Базел, Албанија се наоѓа на високото 44-то место по перењето пари на европскиот континент. Други реномирани организации предупредуваат дека борбата за спречување на перењето пари е неефикасна. Според анализата на Глобалната иницијатива против транснационалниот организиран криминал (од август 2020 година), во периодот од 2017 до 2019 година, само во Тирана во градежниот сектор биле инвестирани повеќе од 1,6 милијарда евра со изворно испрани пари.
Неслободните медиуми, корупцијата и нискиот стандард на граѓаните се вистинската слика за Албанија. Нефункционалноста на државата се покажа при санирањето на последиците од разорниот земјотрес. Албанската власт неподготвено ја пречека и пандемијата на ковид-19, забележуваат од ИФИМЕС. Европскиот парламент изгласа 15 нови барања за почеток на пристапните преговори со Албанија со ЕУ. Амбасадорите на ЕУ, САД и на Велика Британија го поддржаа партискиот договор меѓу владејачкото мнозинството на Социјалистичката партија и здружената опозиција. Компромисот се состоеше во спроведување изборна реформа, што беше и критериум на ЕУ за отворање на преговарачкиот процес. Но власта на Еди Рама ги изгласа едностраните промени на Уставот во јули 2020 година. Целта беше да се намалат шансите на обединетата опозиција за да победи на претстојните парламентарни избори во април 2021 година.