Некогашниот висок функционер во поранешна Југославија и некогашен советник на актуелниот косовски претседател Хашим Тачи, адвокатот Азем Власи, смета дека размена на територии меѓу балканските држави не е возможна, бидејќи тоа прашање е веќе затворено.
Како што пренесоа косовските медиуми, Власи во интервју за Радио Сараево, изјави дека српските власти, предводени од претседателот Александар Вучиќ, постојано потпалуваат непотребни кризи во регионот, иако знаат дека Косово, уште од 1999 година, е самостојна држава, независна од Србија.
– Вучиќ и луѓето околу него кои се на власт во Србија, а кои се стасани таму каде што се во времето на конфликтот, етничкото чистење и истребувачката војна, не знаат да ги решат проблемите со дијалог. Иако знаат дека од 1999 година Косово е независно од Србија, тие постојано поттикнуваат големи кризи во Косово. Вучиќ има внатрешни тенденции да лаже дека косовските Срби се загрозени и дека тој е тука за да ги спаси – изјави Власи.
Според него, бесмислени се најавите дека 30.000 Срби од северно Косово ќе прогласат автономија, бидејќи ќе ги остават вон таа автономија 60.000 останати сонародници кои живеат во други делови на Косово. Освен тоа, таков процес е против Уставот на Косово и самата држава нема да го дозволи.
Во врска со можностите за размена на територии, или за „корекција на границите“, како што го нарекува тоа косовскиот претседател Тачи, Власи изјави дека тоа нема никакви изгледи да се случи, бидејќи, како што рече, Косово и Србија се држави кои се признаени со актуелните граници.
– Нема да има размена на територии. Во регионот на поранешна Југославија, каде што имаме седум држави, прашањето на границите е затворено, иако може да има договори за мали корекции на териториите – изјави Власи.
Тој ја обвини Србија дека е главен фактор на дестабилизацијата на Балканот, меѓу другото, поради нејзините тенденции за територијална експанзија.
Овие големосрпски тенденции, според Власи, отворено се манифестираат во однос на Косово, но, нагласи тој, „не ќе можат да се реализираат“.