Кабинетот на косовскиот премиер Рамуш Харадинај потврди дека челниците на државните институции се сретнале вчера за координација пред продолжувањето на преговорите со Србија и договориле заедно да заминат во Брисел, каде што ќе се одржи новата рунда од дијалогот, јави дописникот на МИА од Приштина.
– Челниците на иниституциите на Република Косово: претседателот на Република Косово, Хашим Тачи, претседателот на Собранието на Република Косово, Кадри Весели, претседателот на Владата на Република Косово, Рамуш Харадинај, првиот заменик-премиер и министер за Надворени работи, Беџет Пацоли, заменик-премиерот Фатмир Лимај и заменик-премиерот и министер за Дијаспора и стратегиски инвестиции, Дардан Гаши, денеска на заедничка седница, одлучија во среда, на 18 јули, да заминат на средба со високата претставничка на Европската унија, Федерика Могерини, во Брисел- се вели во писменото соопштение од прес-службата на премиерот Харадинај.
Спооред соопштението, државниот врв на Косово ќе и ја потврди на Могерини посветеноста на косовските институции на дијалогот со Србија како и заложбата за вклучување на опозицијата во дијалогот, односно за формирање сеопфатен преговарачки тим.