Во извештаите и документите од Европската Унија постојано се пренесуваат ново-старите препораки за земјите од Западен Балкан за непочитување на владеењето на правото, неспроведување ефикасна борба против корупцијата и за непочитување на слободата на информирање и на човековите права
Земјите од Западен Балкан треба да се насочат на темелни реформи, заштита на основните права, функционирање и независност на демократските институции, како и на регионалната соработка, е ново-старата препорака што е содржана во нацрт-заклучоците на Советот на министри на Европската Унија. И повторно во овој документ се истакнува посветеноста на идејата за проширување на ЕУ и потребата од интензивирање на сите нивоа за да се поттикне политичка, економска и социјална трансформација на Западен Балкан, со предуслов за постигнување видлив напредок во владеењето на правото и во општествено-економските реформи.
При преземањето на шестмесечното претседавање, директорката за Западен Балкан во германското министерство за надворешни работи, Сузан Шутс, рече дека регионот ќе биде високо на приоритетите на германското претседавање со Советот на Европа, но земјите што се насочени кон интеграцијата мораат да го направат својот дел. Сега, по истекот на германското претседавање, повторно се констатираат истите слабости што се однесуваат на земјите од регионот.
Реформите на правосудниот систем, како и за изборниот закон се најважните европски задачи за Албанија.
– Промените во правосудниот систем, што вклучува и проверка на сите судии и обвинители, претставува голем предизвик. Тоа е комплициран процес што доведува и до целосно нефункционално судство. Уверени сме дека владеењето на правото е важен процес и тоа нема алтернатива – изјави Шутс, во разговор за БИРН.
Од суштинско значење за приближување кон ЕУ е почитување на слободата на информирањето. Слободните и независни медиуми се столбовите на секоја демократија. Токму новиот закон за медиуми во Албанија сѐ уште не ги исполнува најдобро меѓународните стандарди и практика, објаснува германската политичарка.
Со слични обврски е и Босна и Херцеговина, која сѐ уште нема добиено статус на кандидат за членство во ЕУ. Властите во оваа земја мораат да посветат внимание на новиот закон за Високиот судски и обвинителен совет, затоа што оваа институција има клучна улога за целиот правосуден систем на БиХ. Како друга важна област што бара корекции е политиката за бегалци и азил, од причина што БиХ се соочува со голем прилив на мигранти, главно од Блискиот Исток и Африка.
– Босна и Херцеговина би требало да го професионализира својот систем за азил. Истовремено таа и другите земји од Западен Балкан мораат да ги засилат напорите за склучување договор за повторно прифаќање со земјите од кои пристигнуваат мигрантите – вели Сузан Шутс.
Во нацрт-заклучоците, кои треба да бидат усвоени на состанокот на Советот за општи работи на ЕУ на 8 декември, се повикува Косово да ги засили механизмите за заштита на човековите права на припадниците на малцинските заедници.
– Косово оствари ограничен напредок во реформите во атмосфера на одржаните вонредни избори и смена на Владата. Од косовските власти се очекува поскоро да ги применат препораките на набљудувачката мисија на ЕУ поврзано со недостиг на изборниот процес, но и за итно унапредување на напорите за унапредување на владеењето на правото и да ја засили борбата против корупцијата и организираниот криминал и да спроведе реформа во јавната управа – се наведува во документот на Советот на ЕУ, пренесува агенцијата „Бета“.
Во објавениот извештај на Европската комисија за напредокот на Србија во процесот на пристапување во ЕУ се содржани низа забелешки за спроведувањето на судските реформи, како и за постоење корупција на високо ниво и за непочитување на правната рамка во остварувањето заштита на човековите права и слободи. „Многу ограничен напредок“ е оценката што Србија ја доби за напредокот на поглавјето 23, кое се однесува на реформите во областа на правосудството, борбата против корупцијата и заштитата на основните права и слободи, објави „Јуропиен Вестерн Балканс“.
Србија во борбата против корупцијата постигнала ограничен напредок. Како забелешка се наведува неопходноста од поведување истраги, обвиненија и пресуди во случаите за висока корупција, што подразбира и одземање и конфискација на противправно стекнатиот имот.
Генералната оценка на Европската комисија во годинашниот извештај за напредокот на Македонија на патот кон ЕУ е дека реформите напредуваат умерено, но остануваат неколку горливи проблеми. Во него најголеми критики се изнесени за борбата против корупцијата, контролата на полицијата, состојбата во јавната администрација, како и за борбата против дискриминацијата. Умерен напредок се бележи во делот на правосудните и реформите на разузнавачките служби, со забелешки дека треба да се засили парламентарниот надзор врз службите и да се спроведе акцискиот план на судската стратегија. Вицепремиерот за европски интеграции Никола Димитров го оцени извештајот како сеопфатен и објективен и рече дека земјата забележала напредок во однос на претходниот. Димитров рече дека треба да се земат предвид и отежнувачките околности поради пандемијата на коронавирусот и техничката влада до изборите.
Иако ЕК оценува дека во борбата против корупцијата Македонија бележи добар напредок во неколку сегменти, сепак забележува дека „корупцијата е сеприсутна во многу области и бара поактивен пристап од сите чинители“, објави „Дојче веле“, по објавувањето на содржината на новиот европски извештај за постигнувањата на Македонија.