Српските и другите балкански градови редовно се на врвот на листата на најзагадени градови во светот, предупредуваат група европратеници што сѐ погласно бараат од институциите на ЕУ да притиснат кај националните влади да преземат мерки за подобра еколошка заштита во компаниите каде што има кинески инвестиции
Загрижувачкото ниво на загадување на воздухот предизвикаа голем број протести во Србија и во другите земји од Западен Балкан. Странските инвестиции во домашните компании, кои најчесто се пред превезот на нетранспарентноста, се потенцијална опасност за пошироката околина, како и за населението. Ова е резимето од писмото на меѓупартиска група европратеници во кое се посочува на влијанието на кинеските инвестиции во Србија, кое беше упатено до европскиот комесар за преговори за соседство и проширување Оливер Вархеи. Пораката на европратениците гласи: институциите на ЕУ да притиснат кај српската влада да преземе мерки за подобра еколошка заштита на компаниите.
„Балканинсајт“ се осврнува на проблемите со загадувањето на воздухот во земјите од Балканот и во неговиот текст се посочуваат примерите со кинеските инвестиции во неколку големи индустриски капацитети во Србија и во Босна и Херцеговина. Жителите на српскиот град Смедерево, каде што се наоѓа фабрика за челик купена во 2016 година, како и граѓаните на Бор, каде што рудникот за бакар е преземен од кинеска фирма од областа на рударството во 2018 година, неколкупати излегоа на улиците. Во босанскиот град Тузла граѓаните сè уште протестираат против загадувањето на воздухот од работата на рудникот за јаглен, чие производство беше проширено преку финансирање од страна на кинеската банка во 2017 година.
На 10 јануари 2021 година, илјадници демонстранти маршираа низ Белград, барајќи поголема транспарентност во однос на мерењата на загадувањето и враќање на работа на експертот за загадување на воздухот Миленко Јовановиќ. Тој беше отпуштен од државната агенција задолжена за контрола на квалитетот на воздухот под неразјаснети околности, откако изрази загриженост од начинот на мерење на загадувањето на воздухот.
Српските и другите балкански градови редовно се на врвот на листата на најзагадени градови во светот. Познат е податокот на реномирани агенции за заштита на животната средина, дека 16 централи на јаглен во Југоисточна Европа произведуваат поголемо загадување отколку сите електроцентрали на Европа заедно. Извештајот од 2019 година на Глобалната алијанса за здравје и загадување, ГАХП, откри дека Србија е носител на најлош рекорд во Европа по смртноста по жител што е поврзана со загадување, односно со 175 починати на 100.000 луѓе. Најкритично е во Смедерево, кое понекогаш е покриено со густа црна прашина. Присуството на сулфур диоксид во воздухот во Бор во септември 2020 година беше за десет пати повеќе над дозволените граници што се утврдени со закон. Властите во Србија не сакаат да даваат информации за утврдување на потеклото на високите нивоа на отровен арсен пронајден во воздухот во Бор. Овие проблеми стануваат уште поубиствени во контекст на пандемијата на ковид-19, бидејќи се покажа дека луѓето што живеат во области погодени од големо загадување на воздухот се многу поранливи на ефектите од новиот коронавирус. Во овие градови смртноста како последица на коронавирусот е повисока.
Како што тврди новата студија објавена од Институтот за безбедносни студии во Прага, главниот виновник не е Кина, туку српската влада што дозволува штетно влијание врз животната средина на кинеските инвестиции. Формулата „национален интерес“ ѝ овозможува на Владата да ги заобиколи прашањата од јавноста и задолжителната контрола за заштита на животната средина. Деталите за договорите со кинеските инвеститори се опфатени со тајност и малку се знае за што се обврзале домашните власти. Во Србија, кинеските инвестиции се презентираат пред домашната јавност како спас за економијата, додека значителните еколошки ризици за оние што живеат во близината на овие постројки не се земени предвид.
На ова прашање се посветува поголемо внимание надвор од границите на земјата, што резултира со зголемен притисок врз властите да се засилат и на домашната еколошка сцена. На 21 јануари, Европскиот фонд за Балканот започна кампања под наслов „Обединет Балкан за чист воздух“, со намера да ја издигне свеста кај граѓаните од Западен Балкан за причините и последиците од загадувањето на воздухот. Кампањата треба да послужи како повик за будење за луѓето да застанат заедно и да бараат од носителите на одлуки да преземат итни чекори за намалување на загадувањето во согласност со сопствените обврски кон Зелената агенда за Западен Балкан, донесена во Софија во ноември 2020 година. Слично барање за акција е содржано во писмото на европратениците до комесарот Вархеи, за да ја „потсети српската влада да се придржува до своето национално законодавство, како и правилата на ЕУ што се однесуваат на процесот на пристапување“, пишува „Балканинсајт“.