Во Црна Гора и натаму е висок процентот на невакцинирани деца против мали сипаници, рубеола и заушки. Процентот на невакцинирани деца изнесува 25 отсто, поради што Домот на здравје и Министерството за здравство ќе поведат нова кампања, за зголемување на опфатот на децата со имунизација. Кампањата ќе трае од 15 декември до 15 јануари, за да се влијае на свеста на родителите, објави РТЦГ.
Од децата родени во 2016 година, ММР-вакцината ја примиле 75 отсто, додека поголем е процентот на вакцинирани деца во 2015 година (84 отсто), објави Институтот за јавно здравје во ЦГ.
Епидемиологот и помошник-директор на овој институт Сенад Бегиќ рече дека има доволно количество вакцини.
– Вакцинацијата се применува 40 години, ние ги знаеме сите нејзини карактеристики. Оваа вакцина ја примија 100 милиони деца во светот, така што сите тврдења на противниците за вакцинацијата се неоправдани. Имунизацијата е континуиран процес.
Се поместивме од ниското ниво од 47 отсто вакцинирани деца во мај минатата година.
Досега имаме добри 84 отсто вакцинирани деца од генерацијата родени во 2015 година. Овој период е најкритичен за ширење на овие заболувања. Ниското ниво на вакцинација овозможува вирусот повторно да се увезе во Црна Гора, како што беше случај во февруари годинава – објаснува Бегиќ.