Уште колку луѓе треба да умрат, за
власта да се сети дека имунизацијата на населението е работа на државата? Значи, нивна работа
Директорот на Итната помош во Сараево, Адем Залихиќ, беше најцитираната личност дента кога на социјалните мрежи објави предупредување до граѓаните на Кантонот Сараево, по повод влошувањето на епидемиолошката состојба, предупредувајќи на енормниот дневен скок на новозаразени лица од коронавирусот. Залихиќ напиша дека е крајно време граѓаните да бидат сериозни и да сфатат дека сите заедно сме одговорни за спроведувањето на пропишаните мерки. Премиерот на Кантонот Сараево, Един Форто, најави итна седница на кантоналната влада „поради влошувањето на состојбата и недостигот под вакцини“. Еден ден порано беше забележан рекорден број од 512 заболени лица во 2021 година, а починаа 16 лица. Досега во БиХ починале 4.991 лице. И додека во Република Српска почна вакцинацијата на здравствените работници, некои во Бања Лука, некои во Србија – во Федерацијата вакцини нема ни за лек. Очигледно е дека нема да се случи тоа на што се надеваме, наспроти одржувањето на вонредните седници, иако од федералната или кантоналната власт ги уверуваат граѓаните дека вакцините ќе пристигнат преку програмата „Ковакс“ на средината на февруари!
– Земјите од Западен Балкан се клучни сојузници и можни идни членки на Европската Унија, но тие се изоставени од непосредните планови за снабдување со вакцини во Унијата – објави Си-ен-ен.
ЕУ издвои 70 милиони евра за регионот Западен Балкан, но поради бавната дистрибуција на вакцините во ЕУ, овие земји сѐ уште чекаат. БиХ ја плати и целосната сума – но вакцини нема.
– Постојаната трагедија на Западен Балкан е што е на работ – Изјави Алисон Карагер, стипендистка за глобална политика на Карнеги Европа.
Алба Цела, извршната директорка на албанскиот институт за меѓународни студии вели дека „ова е мал регион според населението, што значи со помало вложување во вакцините, ЕУ би добила многу повеќе од мека моќ и влијание“.
Енѓелуш Морина, виш соработник за политика во Европскиот совет за надворешни работи, изјави дека тоа чувство на запоставеност би можело сериозно да влијае на другите надворешни актери. Европа многу долго го занемаруваше регионот и го прави ранлив на влијание од другите надворешни актери. Тука влегуваат Русија, Кина, Турција, а тие ја пополнија празнината во различни аспекти.
Како изгледа тоа во практика покажа Александар Вучиќ, претседателот на Србија, на која од Кина досега ѝ се испорачани 1,5 милион дози вакцини и со тоа „ја катапултира“ земјата од седум милиони во најголемиот ранг во глобалната трка за вакцинација. Цената што Србија ја плати за вакцините не е обелоденета, но по сѐ изгледа се покажа во право една соговорничка на Си-ен-ен, која објасни дека „кога во нешто сте први во Европа, се чини дека тоа е нешто добро“.
И Русите влегоа порано во програмата за вакцинирање, чија вакцина се покажа дека има висока стапка на ефикасност. Почетокот на вакцинацијата во Србија постигна таков успех што ѝ овозможи на нејзината влада да почне свој круг на регионална дипломатија со помош на вакцините. Таа ѝ донира 4.688 дози вакцини од „Фајзер и Бионтек“ на Македонија, која сѐ уште чека 100 илјади вакцини преку „Ковакс“. Србија ѝ донира 4.000 дози од руската вакцина на Црна Гора, но кога најави дека ќе донира вакцини за Србите што живеат во Косово, Владата на Косово ја обвини за играње политика со вакцините и за „шверцување несертифицирани фармацевтски производи“ во земјата. И Косово нарача над 100 илјади дози вакцини од „Ковакс“ и ги очекува од ЕУ. Си-ен-ен потсети дека се вакцинирале околу илјада здравствени работници во Република Српска. Федерацијата БиХ нарачала два милиони дози преку европската мрежа.
Навистина не е неважно да се спомене европскиот однос кон Балканот, а особено кон БиХ, но треба да се потсети дека е во прашање континуитет поради кој балканскиот лонец малку се подгрева под влијание на руски, кинески, турски и ирански амбиции, а овдешните власти декларативно се колнат во Западот и еднакво кокетираат со Истокот. Ни нашата земја не е исклучок, ни Хрватска, која е членка на ЕУ, но проблемот на Федерацијата БиХ е во апсолутно игнорантскиот однос на домашните власти. И го нема тој Дејтонски договор со кој во случајот со вакцините може да се оправдаат домашните властодршци и нивната божемна опозиција. Сите се изјаснија за состојбите во Мостар, Сребреница, Добој или Травник, но за вакцините едноставно молчат. Уште колку луѓе треба да умрат, а власта да се сети дека имунизацијата на населението е работа на државата? Значи, нивна работа.
И не само што не е направена туку јасно е дека никој и не планира да се занимава со тоа. Попусто се кризните штабови, попусто се сите караници кој е подобар и посовршен, кога сме доведени пред ѕид од наезда на нови соеви на вирусот и целосно отсуство на план за набавка на вакцини. Но затоа во изобилство ни се нудат лаги за почитување процедури и теории на заговори.
Колумната е објавена во „Ослобоѓење“