Српскиот претседател Александар Вучиќ беше незадоволен од бавноста на ЕУ со обезбедувањето вакцини и многу порано почна разговори за набавка на вакцини од Русија и Кина, како и од Велика Британија и САД, а другите земји од регионот останаа на крајот на редот за набавката на вакцини за ЕУ
Коронавирусот ги откри трајните поделби на Балканот, кој е најнестабилниот регион во Европа, а сега повторно се раздвојува по геополитички и етнички линии, пред најавената вакцинација на луѓето против коронавирусот. Европската Унија вети помош од 70 милиони евра за шесте земји од Западен Балкан за да купат вакцини против ковид-19. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, соопшти дека ЕУ со посебен механизам ќе ја забрза доставата на вакцини против коронавирусот за земјите од Западен Балкан и за сиромашните земји. Претходно било констатирано дека е сложена постапката за испорака на вакцини за земјите надвор од Унијата, преку системот „Ковакс“, а тоа овозможило некои од државите да задоцнат со вакцинацијата.
Поради ова, српскиот претседател Александар Вучиќ ги искористи своите врски со Кина и традиционалниот сојузник Русија, за добивање донации за вакцини за Македонија и за етничките Срби во Косово и Босна и Херцеговина. Осумнаесет милиони луѓе што живеат во Западен Балкан се сериозно погодени од коронавирусот, а делови од поранешна Југославија бележат најголема стапка на смртност по жител во светот. Последиците од ова се натамошно оддалечување на регионот од ЕУ, бидејќи Русија и Кина го прошируваат опсегот на своето дејствување на овој простор, пишува во текстот објавен во „Блумберг“.
Зијад Бечировиќ, директор на Меѓународниот институт за Блиски Исток и балкански студии во Љубљана, вели дека Западна Европа веќе не успеваше да се постави во регионот, кој е синоним за тешкотии и војни. Во меѓувреме, САД постепено ги олабавија политичките врски со регионот, по интервенцијата во конфликтите во Босна и во Косово во 90-тите години од минатиот век.
Унгарија, која е сосед на Србија, стана првата земја во ЕУ што ја одобри за употреба вакцината на Русија. Премиерот Виктор Орбан градеше врски со Москва додека ѝ пркосеше на ЕУ во врска со неговото сè повеќе автократско владеење. БиХ, исто така, плашејќи се од доцнење, нарача вакцини од Русија и од Кина, соопшти премиерот Зоран Тегелтија.
– Не би било изненадувачки ако некои земји ја сменат својата геополитичка ориентација во иднина токму поради третманот на „маќеа “ од страна на ЕУ. Во текот на изминатата деценија, САД ѝ го оставија Балканот на ЕУ, која не само што не се занимаваше со Балканот туку и едвај се справи сама со себе – изјави Бечировиќ.
Српскиот претседател Александар Вучиќ беше незадоволен од бавноста на ЕУ со обезбедувањето на вакцините и многу порано почна разговори за набавка на вакцини од Русија и Кина, како и од Велика Британија и САД. Србија доби 1,05 милион вакцини и има договори за набавка уште на 6,18 милиони. Од овие вакцини, дел ќе биде испорачан во Македонија, која очекува да добие и вакцини од сопствената набавка од ЕУ. Помошта од Србија, македонскиот премиер Зоран Заев ја оцени како „чин на солидарност“, пренесува „Блумберг“.
Сепак, противниците сметаат дека постапката на Вучиќ значи и нешто друго освен добронамерен потег и дека повеќе е начин за поттикнување тензии меѓу етникумите. Во Косово претставниците на власта ја критикуваа постапката на Србија за испорака на вакцини на северот од земјата каде што живеат повеќето етнички Срби. Односите меѓу Србија и Косово остануваат затегнати и покрај долгогодишните напори да се поправат врските по војната што заврши во 1999 година, кога српските сили беа протерани од кампањата за бомбардирање предводена од НАТО.
Вучиќ рече дека Србија ќе најде начин да му помогне на Косово, без оглед на етничката припадност. „Блумберг“ ја пренесува изјавата на српскиот претседател дека „Србија е подготвена да им помогне на Албанците и без да се загрози некој и со примена на етнички квоти“.
Во меѓувреме, албанскиот премиер Еди Рама вети дека ќе испрати „симболичен број вакцини“ на Косово за медицинскиот персонал од прва линија веќе идната недела.
– Важно е да не размислуваме како ЕУ, туку да мислиме дека не сме сами, затоа што Косово и Албанија се едни и во радост и во неволја – рече Рама.