На 15 и 16 мај годинава бугарските превозници ќе излезат на протест против обидите на Брисел да воведе сериозни рестрикции во областа на транспортот. Рестрикциите ќе доведат до лавина банкроти на стотици илјади бугарски превозници. Бугарските превозници ќе ги блокираат пристапните патишта кон Софија, главните автопатишта и регионални патишта, како и влезно-излезните артерии на земјата, пишува „Стандард“.
Причината за протестот е најавите за примена на новите прописи што треба да бидат усвоени од Европскиот парламент, познати како „Прв пакет за мобилност“ и „Втор пакет за мобилност“. И двата пакета се насочени главно против интересите на Бугарија, велат од превозничките здруженија во Бугарија. Доколку бидат прифатени, ќе погодат меѓу 200 и 300 илјади бугарски семејства. Усвојувањето на овие прописи ќе ги принуди фирмите за камионски и автобуски превоз на повисоки трошоци на работа.
Причина за тоа се новите барања за ограничување на времето за работа и за одмор на возачите, кои драстично ќе ги зголемат трошоците на превозниците, почнувајќи од тоа дека по секои две недели поминати низ европските патишта возачот треба да се врати во Бугарија, за да се одмори. На второ место, на возачите треба да биде обезбеден хотел за 45 часа неделен одмор, трошоците за тоа, се разбира, треба да ги преземат превозниците.
Според мислењата на многу возачи, кои со години работат на Запад, условите во половина од хостелите се многу полоши од оние во возачката кабина, во која возачот има Интернет, телевизија, фрижидер, удобен кревет и сите нормални услови за одмор.
Овие и другите мерки за ограничување се прават само за да ги истераат бугарските превозници од европскиот пазар. Главниот мотив е да се заштитат економските интереси на неколку конкретни држави, како Германија и Франција, а не за некоја политика заснована на старите европски вредности. Во најмала рака, така составени, овие два „пакета“ се драстично спротивни на основната цел на ЕУ за слободно движење на луѓе, стоки и капитал, забележуваат бугарските превозници.