Најголеми разлики во производите меѓу Бугарија и другите земји од ЕУ има во детската храна и во производите за деца и бебиња, покажаа претходните истражувања за квалитетот на производите
Народната правобранителка на Бугарија, Маја Манолова, вчера пред европските институции во Брисел требаше да ја претстави петицијата на бугарските потрошувачи против постоењето двојни стандарди за храната и за другите производи во земјите во Европската Унија.
На крајот од 2017 година, Манолева ги предупреди надлежните европски институции за проблемот и побара промена во Законот за заедницата. Целта беше да се запрат производството и дистрибуцијата на храна од иста марка, но со различни состојки и квалитет во земјите-членки. Со слична реакција, претходно, се јавија и здруженијата на потрошувачи во Хрватска.
Според народната правобранителка на Бугарија, ова не е само прекршување на правата на бугарските граѓани, туку и на принципите на функционирањето на заедничкиот европски пазар. Таа смета дека не постои оправдување за снабдување со добра со понизок квалитет, со што Бугарите се третираат како потрошувачи од „втор ред“. Резултатите од истражувањата направени за квалитетот на храната и пијалаците во Бугарија и во другите земји на ЕУ, покажале дека 20 отсто од производите од ист производител се со различен квалитет. Дури 42 отсто од производите се со повисока цена во Бугарија, при ист или послаб квалитет од оние што се продаваат во продавниците во другите западни земји.
– Двојните стандарди за исти производи постоеле долго време. Откако во Европа почна да се зборува за движење во „две брзини“ ние се соочуваме со заканата да се претвори Европа во унија на двојни стандарди. Најголеми разлики има во детската храна и во производите за деца и бебиња. Постојат разлики во содржината на растителните масти, има помалку млеко и какао. Постои и повисока цена за ист вид производи – изјави Манолева за БТВ.
Битката за стекнување еднаков квалитет на производите, Бугарија ја води веќе три години. Оптимистичката вест е дека во Европскиот парламент ќе биде разгледан потрошувачкиот пакет, кој беше најавен од Софија за елиминирање на двојните стандарди во храната. Пакетот мерки предвидува и воведување санкции за производителот и тоа во висина до 4 отсто од остварениот вкупен приход во годината.
– Не постои друг начин, освен воведување економски санкции против оние што ја злоупотребуваат довербата на потрошувачите – смета народната правобранителка на Бугарија.
Таа додаде дека ќе инсистира на забрана за производство на храна под ист бренд, со различни состојки и со различен квалитет.
Во Европскиот парламент е донесен извештај со голем број мерки. Според извештајот, производите со ист бренд мора да имаат иста содржина во сите земји на ЕУ. Инаку, станува збор за нелегални практики.
Богомил Николов, извршен директор на бугарската национална асоцијација „Активни корисници“, вели дека во извештајот има препорака до земјите-членки да ги зајакнат своите системи за надзор на пазарот.
– Во Бугарија многу компании применуваат нелегални практики, бидејќи знаат дека казните се помали од парите што ќе ги заработат при примената на ваквите практики – објасни Николов.
Досега казната за нечесна комерцијална практика изнесува 3.000 лева, законот мора да се промени и казните да бидат процент од прометот, рече Николов.