Уште нема приведени во случајот со убиството на новинарката Викторија Маринова (30), и покрај барањата за брзо решавање на случајот од светската и од бугарската јавност, каде што вчера беа организирани протести и одржани бденија во повеќе градови, во Русе, Стара Загора, Јамбол и во Пловдив, пренесуваат бугарските медиуми.
Истражителите ги испитуваат сите информации, со тоа што еден од водечките бугарски криминолози Бото Ботев смета дека смртта на Маринова веројатно не е поврзана со нејзината професија. Ова мислење го делат и нејзините блиски. Според Ботев, убиецот не е од опкружувањето на новинарката, туку психопат, а злосторството веројатно е непланирано и инцидентно.
– Тешко е да се поверува дека убиството било планирано на тој начин. Станува збор за брутални и нагли дејствија – објаснува Ботев, кој смета дека мотивот бил сексуален, додека убиството е извршено за да се прикрие нападот.
Телото на Маринова, која била силувана пред да биде убиена, беше пронајдено в саботата во парк во Русе, во близина на реката Дунав, каде што таа џогирала. Рибарите од тој крај посочија оти покрај брегот на реката се собираат бездомници и наркомани. Дел од јавноста смета дека убиството на Маринова е поврзано со нејзината работа во новинарството, односно истражувањето на можните случаи на корупција поврзани со ЕУ-фондовите.
Истражителите откриле повеќе докази на местото на злосторството (траги на крв, слушалки, црн стегач за коса и една патика), а имаат и опис на активностите на жртвата, дента на убиството.