Бугарија е подготвена да испрати 1.000 војници и воена опрема на границата со соседна Турција за да спречи нелегален проток на мигранти, соопшти денеска бугарскиот министер за одбрана.
Красимир Каракачанов изјави дека утрово полицијата спречила две групи од околу 30 лица да влезат од Турција во Бугарија, откако Анкара соопшти дека повеќе нема да ги спречува сириските бегалци да одат кон Европа.
Бугарија, која е земја членка на Европската Унија со копнена граница со Турција која се протега на повеќе од 300 километри, во изминативе години не го искуси притисокот од мигранти.
Софија порача дека нема да дозволи масовен прилив на мигранти во време кога ги засилува превентивните мерки на границите за да се избегне ширењето на коронавирус во земјата.
Турција во четвртокот објави дека повеќе нема да ги сопира сириските бегалци кои се обидуваат да стигнат до Европа по копно и море.
Официјален претставник, кој ова го изјави за „Ројтерс“, нагласил дека се очекува масовно бегалско движење од сириската провинција Идлиб, каде има еден милион раселени лица.