Бугарија е на второто место според бројот на новороденчиња што се родени во вонбрачна заедница од земјите-членки на ЕУ, покажаа податоците од анализата на Евростат за браковите и вонбрачните деца во Европската Унија во 2016 година.
Бројот на деца што не се родени во брак во Бугарија е 59 отсто, додека Франција е рангирана на првото место, со 60 отсто вонбрачно родени деца, пренесе БТА.
Бројот на вонбрачните деца во Бугарија е речиси шест пати зголемен во последните 30 години. Во 1986 година процентот на вонбрачните деца во Бугарија изнесувал околу 10 отсто, во 2016 година тој достигнал 59 проценти.
Според податоци на НСИ, во Бугарија во 2016 година се родени околу 65 илјади деца, а 38.440 од нив се родени надвор од брак.
Највисок е процентот на вонбрачните раѓања во областите Видин и Враца – речиси 75 отсто од сите новородени деца, а најнизок во областа Крџали, околу 38 проценти.
Трендот за вонбрачни раѓања се задржува во текот на последните неколку години, а нивниот број се движи од 40.000 вонбрачни раѓања во 2010 година (38 отсто раѓања надвор од бракот) до околу 38.000 во 2015 и 2016 година (59 отсто раѓања надвор од бракот).
Наталитетот во Бугарија опаѓа драстично во последните неколку децении. Најмногу новородени деца, според податоците на НСИ, се регистрирани во 1920 и 1950 година – приближно околу 180 илјади новородени деца.
Најниската стапка на наталитет во 2016 година имало во Грција, околу 9 отсто, и во Хрватска и Кипар, околу 19 отсто.
Бугарија е меѓу првите осум земји-членки во ЕУ во кои процентот на вонбрачните раѓања надминува 50 проценти – Франција (60 отсто), Бугарија и Словенија (59 проценти), Естонија (56 отсто), Шведска (55 отсто), Данска (54 отсто), Португалија (53 отсто) и Холандија (50 отсто).
За споредба, вонбрачните раѓања во соседните земји во Романија изнесуваат 31 отсто, Србија – 26 проценти, Македонија – 12 проценти и во Турција – околу 3 проценти.