Повеќе од 100 бугарски државјани и опозициски политичари што учествуваа во масовните протести против владата на Бојко Борисов биле неовластено прислушувани откако беа обвинети за планирање „државен удар“

Протести, неовластено прислушување, обвинување за државен удар…

Бугарија подолго време се наоѓа во политичка и парламентарна криза, а досегашната опозиција долго време организираше протести низ повеќе бугарски градови, поради високата корупција во времето на владеењето на Бојко Борисов од ГЕРБ. Минатата недела повеќе од сто бугарски државјани и опозициски политичари што учествуваа во масовните протести против владата на Бојко Борисов и главниот обвинител Иван Гешев во 2020 година, беа прислушувани откако беа обвинети за планирање „државен удар“, објави „Еуроактив“.
Вршителот на должноста министер за внатрешни работи Бојко Рашков, од собраниската говорница, минатата среда, одговори на прашањата на пратениците и вети дека ќе ги достави податоците до парламентарната комисија што треба да го испита случајот. Според информациите објавени во парламентот, најмалку 123 граѓани биле прислушувани по барање на специјализираното обвинителство и со дозвола од специјализираниот кривичен суд.

Властите добија дозвола за прислушување, со организирање истрага за „државен удар“ на група поединци за кои се тврди дека се обидувале насилно да го соборат Борисов. Случајот го водеше специјализираното обвинителство што вообичаено е задолжено за случаи од најголема важност и судот ги прифати овие аргументи.
Парламентарната група предводена од Маја Манолова објави дека целата канцеларија на нејзината партија, вклучувајќи ги и секретарите, била прислушувана летото 2020 година, откако учествувала во протестите против Борисов.
Обвинителството вели дека прислушувањето е спроведено легално и со дозвола од судот. Гешев не ги коментираше причините за истрагата за наводниот пуч.
На 5 октомври 2020 година, Европскиот парламент издаде резолуција во која се вели дека Бугарија ги влошува „демократијата и основните човекови права, вклучувајќи ги независноста на судството, поделбата на власта, борбата против корупцијата и слободата на медиумите“. Борисов постојано ги опишува граѓанските протести против него како обид за државен удар. Масовното прислушување во служба на поранешната владејачка партија е еден од мотивите за барање оставка од главниот обвинител Иван Гешев, кој е под зголемен притисок од новото мнозинство во парламентот, објави „Еуроактив“.


Поделби во опозицијата за поделба на власта по Борисов

По евентуалните неуспешни договори за формирање коалициска влада од партиите од опозицискиот блок, Бугарија третпат ќе излезе на парламентарни избори. Оваа опција станува поизвесна по телевизискиот настап на лидерот на Има таков народ, Слави Трифонов, во кој тој со остри тонови ги критикуваше изјавите на копретседателот на Демократска Бугарија, Христо Иванов, и порача дека нема да прифати условување. Демократска Бугарија е четврта политичка сила во парламентот и без неа тешко би се формирала влада. Според политикологот Антониј Галабов, ова не е порака до Иванов и неговата партија, туку Трифонов ги подготвува своите гласачи за нови предвремени избори.
– ИТН очекува на новите избори да добие повеќе гласови и да освои повеќе пратенички мандати, а сега се обидува одговорноста за неформирање влада да ја префрли на другите партии. Наместо да видиме некаква конвергенција на позициите, ние го гледаме сосема спротивното. Она што загрижува уште повеќе е што онаму каде што има сличности, тие се во смисла на законодавната програма, а не за владина програма – изјави Галабов за бугарската Нова ТВ.
Некои од политиколозите во Бугарија сметаат дека ИТН нема да може да формира влада без поддршка од Демократска Бугарија, со која деновиве демонстрира големи недоразбирања на јавна сцена.
Нови парламентарни избори се најверојатното сценарио и за аналитичарот Петар Чолаков. Тој посочува дека комуникацијата помеѓу ИТН и Демократска Бугарија многу се заострила и ја потенцира јасната порака од Трифонов дека не мора да формира влада со поддршка од сите протестни партии, група во која со ИТН спаѓаат и Демократска Бугарија и Исправи се!
Претходно, победникот на повторените избори, ИТН, за мандатар го номинира пратеникот Пламен Николов, кој на 30 јули го зеде мандатот од бугарскиот претседател Румен Радев. На партијата ѝ преостануваат уште четири дена за консултации.
Партијата предводена од Трифонов обезбеди 65 пратенички места од вкупно 240 во бугарскиот парламент. Од преостанатите две партии што произлегоа од протестите, Демократска Бугарија освои 34, а Исправи се! стигна до 13 места. Бугарската социјалистичка партија (БСП), која исто така е во комбинација за поддршка на владата на ИТН, има 36.
Без Демократска Бугарија, владата на ИТН би немала поддршка од 121 пратеник. Засега ниту од едната ниту од другата партија нема сигнали дека би можеле да соработуваат. Во последните јавни прозивки, Иванов од Демократска Бугарија обвини дека начинот на кој се носат одлуки во ИТН, со концентрирање на моќта околу лидерот Трифонов, е идентичен на манирите со кои владееше Бојко Борисов. Тој изрази и недоверба во подготвеноста на мандатарот од редовите на ИТН, Пламен Николов, да предводи влада на промени.