Процесот на дестабилизација на Балканот, преку протестите во неколку земји, во голем дел е последица на регионалното слабеење на влијанието на ЕУ
Нема балканска пролет, а бојкотот на парламентите и на другите институции е неприфатлив, гласи краткиот одговор на Европската Унија за случувањата во Албанија, Црна Гора и во Србија, каде што се одвиваат континуирани протести на опозицијата. Портпаролката на ЕУ, Маја Коцијанчич, вели дека не треба да се споредуваат протестите што се случуваат истовремено во трите земји во регионот.
– Протестите во секоја земја имаат свои карактеристики и не би ги споредувала тие ситуации – изјави Коцијанчич во Брисел.
Ниските температури во текот на изминатиот викенд не ги спречија десетина илјади разочарани граѓани да протестираат од Тирана и Белград до Бања Лука и Подгорица, со намера да ја сменат власта во своите земји.
– Одговорноста за ваквата состојба пред сѐ ја преземаат локалните политички системи, за кои граѓаните велат дека се автократски, популистички, корумпирани, нефункционални. Најмногу од сето тоа е што владејачките гарнитури се отуѓени од луѓето и од нивните основни потреби – вели Среќко Латал, уредник во Балканската истражувачка мрежа во изјава (БИРН) за „Вијести“.
Зад сите протести стојат граѓански групи, освен оние во Албанија што ги предводи опозицијата, која бара оставка од албанската влада. Премиерот Еди Рама е изложен на постојани критики од Брисел дека недоволно се ангажира во оневозможување на корупцијата и организираниот криминал. Меѓутоа, тоа не го спречи европскиот комесар за проширување Јоханес Хан да ја критикува албанската опозиција поради одлуката да го напушти парламентот. Во исто време, Европската Унија го толерира однесувањето на српскиот претседател Александар Вучиќ и на неговиот црногорски колега Мило Ѓукановиќ. Разликата меѓу двете земји е што опозицијата во Црна Гора се наметна како редовен соговорник на Брисел, што не е случај и со опозицијата во Србија, која е длабоко поделена, се констатира во текстот на „Вијести“.
– Моменталниот процес на дестабилизација на Балканот во голем дел е последица на регионалното слабеење на влијанието на ЕУ. Некој нов, конкретен, реален и брз ангажман на ЕУ би можело да ги прекине овие процеси и да го стабилизира Балканот.
Очигледно е дека таков драстичен пресврт во политиката на ЕУ кон овој регион не е реален во состојба кога таа се соочува со своите сѐ поголеми внатрешни предизвици.
Затоа, впечаток е дека Балканот во овој период е оставен сам на себе – заклучува Латал.
Главниот уредник на неделникот НИН, Милан Чулибрк, вели дека Западот повторно ја прави грешката од 1990-тите години, кога пропушти со поголем ангажман во времето на Анте Марковиќ да обезбеди мирна транзиција и да се избегне катастрофата што го зафати регионот.
– Западот чека работите сами да се одвиваат и да застанат на страната на победникот, како што беше случај во Македонија. Во меѓувреме се очекува од овие лидери да ги решаваат проблемите, иако тие сѐ повеќе нѐ оддалечуваат од европските вредности – вели Чулибрк за „Вијести“.
Сите тие балкански лидери сакаат да бидат „мал Путин или Ердоган“ во своите држави. Од друга страна, историјата покажала дека сите земји на Балканот се меѓусебно поврзани во некој систем на сврзани садови, така што позитивните и негативните настани во една земја влијаат на сите други во нејзиното опкружување. Позитивниот пример со Македонија може да има позитивно влијание во регионот, но постои растечка тензија меѓу БиХ, Србија, Косово, Албанија, Црна Гора, дури и во Хрватска, која се прелева од една во друга држава. Во кој правец ќе тргнат овие земји зависи пред сѐ од нив, се заклучува во текстот на „Вијести“.