Лошите оцени за правосудството во некои земји-членки од ЕУ остануваат евидентирани само во извештаите на европските институции, без да почувствуваат некаква „казна“, како што е на пример долгото чекање на датумот за почеток на преговори со ЕУ, на кое се изложени земјите од Западен Балкан
Од сите граѓани на Европската Унија, жителите на најмладата членка Хрватска имаат најлошо мислење за независноста на своето правосудство. Ова е само еден од параметрите според кои земјите од Западен Балкан не се разликуваат многу од земјите-членки во елитниот европски клуб. Но, за разлика од земјите во регионот, кои чекаат пред портите на ЕУ и кои трпат сериозни критики од Брисел, за неспроведувањето на судските реформи и на еднакво право и правда, „европските“ земји од Балканот малку или воопшто не се ставаат под опсервација на Европската комисија. Лошите оцени за правосудството остануваат евидентирани само во извештаите на европските институции, без да почувствуваат некаква „казна“, како што е на пример долгото чекање на датумот за почеток на преговори со ЕУ, на кое се изложени земјите од Западен Балкан.
Истражувањето на „Евробарометар“ го проверуваше расположението на јавноста за потребите на Европската комисија и другите институции на ЕУ. Како главна причина за лошата перцепција за правосудството во Хрватска, анкетираните лица на прво место ги ставиле мешањето или притисокот на Владата или политичарите (68 отсто), на второ место е притисокот од економијата или другите интереси (63 отсто), а на трето место се статусот и позицијата на судиите, која не ја гарантира доволно нивната независност (50 отсто). Истражувањето се однесува за 2021 година. Со малку помала перцепција за независноста на националното судство се Словачка, Полска, Бугарија, Италија, Шпанија, Унгарија и Словенија. Наспроти нив е групата со „најдобро судство“, односно земјите како Австрија, Финска, Германија и Луксембург.
Хрватска и Италија се првите земји во ЕУ според бројот на предмети што чекаат решавање во граѓанските и трговските судови и според управните и други спорови. Во Хрватска, во 2019 година, им биле потребни 130 дена, во 2018 – 102 дена, во 2017 година – 114 дена, а во 2012 година – 133 дена. Најдолго чекање за решавање на предметите имало во Кипар од 860 дена, потоа во Португалија и Грција, за кои последните податоци се од 2012 година! Во Португалија истата година времето на чекање да заврши судската постапка било 860 дена, а во Грција 677 дена.
– Резултатите за Хрватска не се изненадување ни за граѓаните ни за тие што имаат сопствено искуство со правосудството. Ако имате одредено политичко влијание, нема да ве чепкаат. Но ако сте целосен маргиналец, тогаш сте препуштени на среќата во случај да наидете на некој добар, чесен и паметен судија. А такви почесно е да се каже дека не постојат. Но ако знаете дека се судите со некој моќен, работодавец, политичар или јавна личност, тогаш едноставно знаете дека сте го изгубиле случајот – изјави политичкиот аналитичар Јарослав Пецник за Радио Слободна Европа.
Како пример за политичкото влијание врз судството се споменува последното приведување на соработниците на поранешниот загрепски градоначалник Милан Бандиќ, поради сомневање за корупциско дејствување во извршувањето на службените обврски. До изборите во 2020 година, 12 пратеници на партијата Бандиќ Милан 365 го одржуваа мнозинството на ХДЗ во собранието на Хрватска. Хрватските медиуми пишуваа за можните злоупотреби кон крајот на 2019 година, но немаше никакви реакции од истражните органи. Приведувањето на соработниците на Бандиќ почна кон крајот на јуни, четири месеци по неговата смрт и со изборот на новата градска власт во Загреб, пишува РСЕ.
Во владејачката партија ХДЗ ги отфрлаат обвинувањата за постоење на високата корупција во земјата и, како што нагласуваат оттаму, едно е перцепција, а сосема друго е фактичката состојба во хрватското судство. Во таа насока се споменуваа дека има само 0,27 отсто од приговорите на работата на судовите, или околу 4.500 предмети од вкупно 1,65 милион. Но меѓу малиот број нерешени предмети, со повеќе од десет години, се токму случаите за високите државни функционери, како што е бившиот премиер Иво Санадер, против поранешниот генерал Бранимир Главаш, а како високоризичен случај е и судењето против поранешните менаџери на фудбалскиот клуб Динамо, за што протекоа и голем број информации за подмитување, кои фрлија сенка на досегашното работење на некои судии.
Аналитичарот Јарослав Пецник вели дека тесната поврзаност на политиката и судството не е проблем само на Хрватска туку и во други постјугословенски земји, но и во Унгарија, Полска и Словачка.
– Во сите овие држави политиката е тесно поврзана со судството и ги одредува правилата на играта. Ова не може да се смени прекуноќ, потребно е долгорочно да се работи низ образованието и преку созревање на свеста, јакнење на моралот и одговорноста, а во некои земји тоа се одвива со години – вели Пецник за Радио Слободна Европа.