Европската комисија ги повтори веќе познатите ставови за поддршка за проширувањето на Европската Унија, но притоа посочи и на главните проблеми со кои се соочуваат земјите од Западен Балкан, како што се политичката нестабилност и високата корупција
Политичка нестабилност и поделби меѓу политичките актери, недоволна борба против корупцијата и неспроведување реформи во судскиот систем се главните забелешки за земјите од Западен Балкан, кои се изнесени во редовните годишни извештаи на Европската комисија, кои беа објавени во вторникот.
Европската комисија констатирала дека во Црна Гора продолжуваат „тензиите и недовербата меѓу политичките актери, кои се отсликуваат со длабока поларизација меѓу новото владејачко мнозинство и опозицијата“. За Косово, покрај политичката нестабилност, се констатира и ограничена законодавна активност, распространета корупција и недостиг од финансиска самоодржливост. За оваа земја се препорачува и „конструктивно ангажирање и вложување значајни напори во спроведување на сите претходни договори и придонеси за постигнување на сеопфатно правнообврзувачки договор за нормализација на односите со Србија“. Во Косово корупцијата е широко распространета и постои потреба за силна и постојана политичка волја за ефикасно решавање на системските ризици од корупција, како и за силен одговор на правосудството кон корупцијата на високо ниво, се наведува во извештајот на ЕК.
Во Србија политичката клима и натаму е поларизирана, политичарите во расправата користат запалива реторика против неистомислениците, а во реформата на државната управа и правосудството е забележан само ограничен напредок. Европската комисија, во годишниот извештај за патот кон европската интеграција на Србија, препорачува до политичките актери да дејствуваат конструктивно и да продолжат со меѓупартискиот дијалог, што се одвива и со посредници на Европскиот парламент.
Најлошите оцени во изминатата година се однесуваат за напредокот на Босна и Херцеговина. Според извештајот на Европската комисија, во земјата нема напредок во борбата против корупцијата и организираниот криминал, во реформите на изборниот процес, слободата на изразување. Законодавната и извршната власт имале „слаб ефект поради политичките поларизации и вложувањето предизвикани со пандемијата“. „Негативни ефекти на распространетата корупција и знаци на политичкото заробување продолжија силно да се манифестираат во текот на пандемијата, што влијаеше и на стандардот на граѓаните“, оценува ЕК.
Единствениот позитивен исчекор на Европската комисија, при објавувањето на годишните извештаи за земјите од Западен Балкан, се однесува за напредокот на Србија во усогласување со критериумите на ЕУ, за што се препорачува отворање на поглавјата три (Конкурентност и раст) и четири (Зелена агенда и одржлива поврзаност).
Известувачот на Европскиот парламент за Србија, Владимир Билчик, изјави вчера дека Европската Унија мора да покаже вистински интерес за европската перспектива за земјите од Западен Балкан.
– ЕУ мора да биде храбра во својата визија за регионот и да се ангажира на терен. Иако почнуваме одново за нашите цели за проширување, наш императив е да поминеме од зборови на дела, на пример, низа активни вклучувања на нашите партнери во Конференцијата за иднината на Европа. Нашата европска посветеност со тоа е поважна и сме сведоци на запалива реторика во голем број земји од Западен Балкан – изјави Билчик, пренесува телевизија Н1.
Сепак, отворањето на преговорите со Србија за кластерите три и четири, кои се однесуваат на конкурентноста и зелената агенда, зависи и од одобрувањето на сите земји-членки на Европската Унија, што остава и простор за евентуални блокади од некоја земја.
– Наспроти нашата поддршка за проширување, мора да бидеме на јасно дека нема да правиме компромиси во поглед на владеењето на правото и демократизацијата. Известувањата на повереникот за проширување се загрижувачки, бидејќи се покажува подготвеност да се занемари важноста за владеење на правото, посебно во Србија. На овој начин, не само што се поткопува веродостојноста на Унијата во регионот туку тоа им оди во прилог и на оние што се против проширувањето – изјави Тонино Пицула, пратеник од групата на социјалистите и демократите во Европскиот парламент и известувач за проширување за Западен Балкан. Пицула потсети и на обврските на ЕУ за доследност во дадените ветувања за почеток на преговорите со Македонија и со Албанија.
Албанскиот премиер Еди Рама изјави дека Албанија сѐ уште не е подготвена да стане членка на Европската Унија, но дека ги исполнила сите услови за започнување на претпристапните преговори за членство, пишува „Албанија дејли“.
– Ги исполнивме сите услови за преговори, но сѐ уште не сме подготвени. Мораме да работиме на подобрување на многу аспекти – рече Рама, на конференцијата со шефот на мисијата на ЕУ во Албанија, Луиџи Сорек.