Мотивите за објавување приватни телефонски разговори се различни – од лична дискредитација на поединецот до остварување некоја висока политичка цел. Но тоа што загрижува е што овие снимки имаат краткотрајна важност и служат повеќе за забава и замајување на домашната јавност, без да се навлезе во суштината на заднината на таквите разговори, кои се однесуваат за остварување нечија политичка цел или зделка, или, едноставно, за јавна компромитација на соговорниците
Објавувањето неовластено снимани телефонски разговори и фотографии стана дел од политичкото милје во земјите од регионот. Граѓаните од Хрватска, Бугарија и од Македонија преку социјалните мрежи можеа да ја следат приватната комуникација на многу „важни“ ликови од политиката, економијата и естрадата. Вообичаено ваквите снимени разговори се водени и под нивото на пристојна комуникација. Најчесто беа објавувани пред изборите за пратеници или пред некои клучни политички настани. Мотивите за нивно објавување се различни – од лична дискредитација на поединецот до остварување некоја висока политичка цел. Но тоа што загрижува е што овие снимки имаат краткотрајна важност и служат повеќе за забава и замајување на домашната јавност, без да се навлезе во суштината на заднината на таквите разговори, кои се однесуваат за остварување нечија политичка цел или зделка, или, едноставно, за јавна компромитација на соговорниците во снимениот материјал. Згора на ова, никој од надлежните служби не повел сериозна постапка за откривање на лицата што нелегално ги снимаат другите луѓе.
Жестоката караница што се слуша на снимката од телефонскиот разговор меѓу хрватскиот министер за здравство Вили Берош и поранешната директорка на една здравствена установа Дијана Задравец ја разбранува политичката атмосфера во Хрватска. Министерот ја потврди автентичноста на снимката, која настанала во јуни, во екот на парламентарните избори, но негира дека тој ја пуштил во јавност. Признава дека го пуштил спикерфонот, а разговорот го слушале и други лица што биле присутни во просторијата, додека се водел телефонскиот разговор со Задравец…
– Изборот за директор беше според законот, а се вклучив на спикерфонот за да ги запознаам моите соработници со притисоците, инсинуациите, па и уцените на кои бев изложен. Сето тоа ескалира пред изборот на нов директор на болницата – вели Барош за „Јутарњи лист“.
По објавувањето на снимката на социјалните мрежи Задравец го обвини министерот за „скандалозното тајно снимање“, кое е направено без нејзино знаење. Таа за телевизијата Н1 изјави дека претходно министерот ја омаловажувал и игнорирал, затоа што предупредувала на корупциски процеси. Изборот на новиот директор на болницата, според неа, е нелегитимен.
Пред одржувањето на компромитирачкиот телефонски разговор, во болницата се случувал избор на нов директор, а на еден состанок наводно имало и физичка пресметка меѓу главните конкуренти за директорската функција.
Хрватското здружение на болничките лекари издаде соопштение за овој случај, во кое се нагласува дека „политиката ги држи сите конци“ и препорачува да се измени начинот на избор на кадри во јавното здравство, а тоа значи изборот на директор не смее да биде предмет на политички пресметки, уцени и закани. Од ова здружение остро ги осудуваат обидите за дискриминација и можното противправно постапување кон лекарите и другите вработени во здравствениот систем.
За разлика од хрватскиот случај, во кој телефонските разговори се користени за избор на раководни функции, во Бугарија во изминатите два месеца беа фрлени многу посилни „бомби“, а главната цел беше политичкото дискредитирање на бугарскиот премиер Бојко Борисов. Сите медиуми во балканскиот регион ја објавија фотографија од премиерот на Бугарија како лежи гол во спална соба покриен со прекривка, а на наткасната до него има пиштол и во фиоката се гледаат банкноти од 500 евра. Тој беше неовластено фотографиран во неговата спална соба во премиерската резиденција. Борисов директно го обвини политичките противници и бугарскиот претседател Румен Радев.
– Нашите политички противници денеска го допреа дното. Станавме непријатни за нив откако Бугарија ја извадивме од една орбита и ја испративме директно во реалната евроатлантска заедница, затоа имаат омраза кон нас – изјави тогаш Борисов.
Тој директно го обвини претседателот Румен Радев дека го следи со дрон што го добил од Кина. Фотографиите не се единствениот компромитирачки материјал.
Во бугарската јавност се појавиле и аудиоснимки во кои се слуша глас што личи на гласот на Борисов и уште еден непознат соговорник. Како што пренесе бугарскиот портал „Сега“, станува збор за снимка што е составена од три различни разговори и во нив се слуша Борисов како користи вулгарни зборови кога зборува за претседателката на Собранието и како се потсмева со странски премиери… Неовластените снимки за разговори и фотографии беа објавени во периодот кога опозицијата почна со протести низ градовите во Бугарија, на која се бара смена и оставка на „корумпираната власт“, но бугарскиот премиер ги одби барањата на политичките противници и им порача дека власта може да ја добијат само на регуларни парламентарни избори следната година.
Македонија е најлош пример од земјите во Западен Балкан кога станува збор за користењето телефонски разговори на јавни личности и функционери, кои се набавени на нелегален начин. Во македонска парламентарна демократија беа објавени неколку големи афери за неовластено прислушување, кое е направено со злоупотреба на системот што го поседуваат државните безбедносни служби. Аферата „Големо уво“ беше кон крајот на 2000 година, кога се откри дека Министерството за внатрешни работи на Македонија прислушувало стотици политичари, новинари и дипломати. Вештачењето што било направено во 2001 година покажа дека МВР и „Македонски телекомуникации“ имале соодветна опрема за прислушување.
По ова следуваа клучни политички промени во земјата, со избувнување на воениот конфликт и донесување на Рамковниот договор. Аферата заврши кога тогашниот претседателот Борис Трајковски ги аболицирал Доста Димовска и Александар Цветков. Поради незадоволство од исходот, некои од новинарите што биле прислушувани ја тужеле Македонија и пред судот во Стразбур во 2006 година. По неколку години, 17 новинари го добиле случајот во суд.
Во 2015 година тогашната опозициска партија СДСМ излезе со информација за неовластено прислушување на над 30.000 лица. Беа објавени и првите „бомби“ кои се однесуваа на телефонски разговори на јавни личности, партиски и државни функционери направени со злоупотреба на системот за прислушување во Управата за безбедност и контраразузнавање, за кои тогашната извршна власт од ВМРО-ДПМНЕ тврдеше дека се направени од неидентификувано жолто комбе. По ова следеа нови политички промени и смена на власта. набрзо е формирано Специјалното јавно обвинителство кое покрена обвинение против двајцата екс службеници на тајната полиција Горан Грујевски и Никола Бошковски во врска со случаите под името „Тврдина“ дека учествувале во уништување на опрема за прислушување. Случаите за неовластено прислушување „Тврдина“ и „Таргет“ во кој се споменува и улогата на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков се уште немаат судска разрешница. Двајцата првоосомничени припадници на тајната полиција пребегаа во Грција.
По обелоденувањето на случајот за изнуда на милионски суми од сопственици на големи фирми, познат како предметот „Рекет“, македонските граѓани имаа можност да се запознаат и со телефонските разговори меѓу лицата од високите државни структури, а кои беа снимани во „приватна“ режија. Нови „бомби“ беа користени и во текот на предизборната кампања за последните парламентарни избори, но досега не е поведена никаква судска постапка за нелегално дистрибуирање на телефонските разговори.