Министерството за туризам на Црна Гора работи на изработка на стратегија за развој на наутичкиот туризам, за земјата да се позиционира како подобра дестинација од другите приморски земји во регионот. За таа цел, кон крајот на минатата година е објавен тендер за избор на понудувач за изработка на стратегија во која ќе се анализираат наутичките капацитети на Црна Гора и дали тие ги исполнуваат стандардите што се очекуваат во овој вид туризам.
Стратегијата за развој на наутички туризам со акциски план се однесува на периодот од 2020 до 2025 година. Таа ќе води сметка за одржливост и зачувување на животната средина на приморјето и Скадарско Езеро. Во неа ќе бидат содржани статистичките податоци за развој на наутичкиот туризам од крајот на 1990-тите години до денес, со бројот на наутички пловила што биле во Црна Гора, капацитетот на приватните пловила, како и микро и макроанализа за пристаништата приспособени за наутички туризам.
Посебно истражување ќе биде спроведено за потребите на наутичката клиентела, и тоа онаа што е економски посилна, за разлика од понудата за туристите од средна класа. Во стратегијата ќе бидат разгледани постојните локации, а ќе бидат предложени и нови решенија, со што ќе биде дефинирана и мрежата на пристаништата за наутички туризам. Ова значи да се определат зони за закотвување на крузерите и големите јахти на подрачјето на заливот Бока Которска.