По иницирањето на акцискиот план за членство на Босна и Херцеговина во НАТО (МАП), „Блумберг“ објави анализа во која се наведува дека Алијансата ќе прима уште членки од Балканот, каде што се „поклопуваат интересите на Русија“. Во наведената анализа се укажува дека мнозинството Срби во БиХ заедно со нивниот лидер Милорад Додик остро ќе се спротивстават на членството на оваа земја во НАТО, за разлика од муслиманите и Хрватите, кои го поздравуваат блиските односи со оваа воена алијанса.
Во текстот се потсетува дека со Дејтонската спогодба од 1995 година е формирана држава со два ентитета, но со тоа е создадена „слаба централна влада“, која се состои од групи што го попречуваат донесувањето на одлуките, економскиот развој и политичката хармонија додека се „надмудруваат“ околу прашањата што се однесуваат од распределба на буџетските средства до тоа кое знаме треба да биде поставено кога ќе се сретнат.
„Блумберг“ наведува дека противењето на Додик за поблиски односи со Алијансата има историски причини и потсетува дека НАТО ги бомбардира силите на босанските Срби во последните години од војната во Босна, по злосторствата во Сребреница, а беше бомбардирана и Србија во 1999 година.
Во анализата на „Блумберг“ се предупредува дека во БиХ и натаму постои опасноста од клучните етнички тензии, кои дополнително се засилија минатата недела, кога министрите за надворешни работи на НАТО, по мораториумот од една деценија, повторно го актуализираа прашањето за влегување на БиХ во НАТО.
Во текстот Додик се опишува како сојузник на рускиот претседател Владимир Путин, кој ги претставува Србите во Претседателството на БиХ, а кој изјави дека нема да поддржи ништо што значи каква било инклузија во воената алијанса, НАТО или нешто слично. Од друга страна, се додава дека бошњачкиот член на Претседателството на БиХ, Шефик Џаферовиќ, рече дека членството во НАТО е меѓу најважните надворешнополитички цели, пренесува Ал џезира.
Ставот на хрватскиот претставник во Претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ, е дека членството во НАТО е приоритет. Тој потсети дека поранешниот српски член на претседателството Небојша Радмановиќ го поддржал акцискиот план во 2009 година, кога за него првпат се дискутираше.