Изминатата недела во Бихаќ се забележува присуство на голем број мигранти што доаѓаат од Алжир, Сирија, Ирак и од Палестина. За ова веќе има реакции од локалното население, а со официјално писмо до градоначалникот Шихрет Фазлиќ се обратија и од Исламскиот педагошки факултет во Бихаќ, во кое се посочува на проблемите со мигрантите. Мигрантите ги има насекаде во градот, на улиците, парковите, пред институциите, училиштата и џамиите, објави телевизија Н1.
– Мигрантите спијат надвор, околу џамијата и зградата на факултетот, и глетката е алармантна. Затоа е предупредувањето за драматичноста на состојбата, која треба итно да се решава – се наведува во писмото од факултетот.
Градоначалникот на Бихаќ, Шухрет Фазлиќ, предупредува дека зголемениот број на странски државјани претставува проблем.
– Немаме прецизни податоци колку ги има, но присутни се насекаде на јавните површини, а преовладуваат и во приватните викендички. Мене повеќе ме загрижува што ќе следува потоа. Јас се плашам од ескалација на состојбата – вели Фазлиќ за порталот „Кликс“.
Единствени што се грижат за мигрантите се невладините организации.
– Пред неколку дена беа околу 50, а по интервенцијата на полицијата се растурија низ градот. Доставивме храна и вода за дваесетина мигранти, а колку ги има во градот, никој не знае. Оние што имаат пари спијат во мотели или изнајмуваат куќи – вели Замира Горињац од здружението „Солидарност“.
Во Бихаќ моментално се наоѓаат само мажи, но се очекува со стоплувањето на времето ним да им се придружат и жените и децата што се сместени во прифатните центри во Сараево.
Според службените податоци на граничната полиција на Босна и Херцеговина, од 1 јануари до 31 март 2018 година, во обид за илегално преминување на државната границата во околината на граничен премин до Бихаќ, биле откриени 56 лица од земјите со висок миграциски ризик. Од нив, 14 поднеле барање за азил во БиХ.