Косовскиот парламент ја изгласа спогодбата за формирање царинска унија меѓу Албанија и Косово, а за неа гласале 67 пратеници, објави порталот „Јуропијан Вестерн Балканс“.
Минатата недела пратениците на косовското собрание ја поддржаа нацрт-резолуцијата со која се укинува контрола на движењето на патниците на премините со Албанија. Предлагач на резолуцијата е пратеникот на Социјалдемократската партија, Дардан Молоча, кој рече дека со ова не се укинуваат границите, туку се укинува контролата при движењето на граѓаните.

За пратениците од Српската листа ова царинско обединување меѓу Албанија и Косово е неприфатливо и побараа итна средба со српскиот претседател Александар Вучиќ.
– Царинското обединување меѓу Приштина и Тирана претставува јасна манифестација на т.н. големоалбанска политика. Тоа за нас е неприфатливо и оваа спогодба е резултат на политичкото насилство во Собранието во Приштина – оценуваат од Српската листа.
Потпретседателката на Владата на Србија, Зорана Михајловиќ, изјави дека српските надлежни институции ќе реагираат на царинското обединување и предупреди дека пред Србија е тежок период.
– Постојат други институции што ќе дадат одговор на ова прашање. Некои работи што се пред нас мора да ги решаваме, а од друга страна мора да направиме сѐ нашите луѓе на КиМ да имаат достоен живот. Секако Србија има статус каков што заслужува – изјави Михајловиќ, на прашањето на новинарите да ја коментира последната одлука за царинско обединување меѓу Косово и Албанија.