КОСОВО

Постојат актуелни сведоци и факти за злосторствата на ОВК сторени врз Србите на Косово, кои сега не можат да се оспоруваат, објавија српските медиуми

Постојат нови докази против косовскиот премиер во оставка Рамуш Харадинај за злосторства за кои не му се судеше во претходниот процес пред Хашкиот трибунал. Ова го изјави претседателот на Одборот за Косово и Метохија во Собранието на Србија, Милован Дрецун. Тој истакна дека Србија мора да направи сѐ за да му помогне на Специјалниот суд во Хаг, кој ги процесира сите злосторства што се направени над Србите на Косово од припадниците на ОВК.

Дрецун во изјава за „Политика“ рече дека српските власти пронајдоа начин да разговараат со обвинителите во Хаг, иако тоа е обврска на правосудните органи на Косово.

– Во наш интерес е да се отворат процеси против одговорните лица, без разлика што во Приштина е формиран специјален суд. Постапката во случајот со трговија со органи пред специјалниот суд за злосторствата на ОВК ќе биде тешка. Но работната група со која раководам интензивно е ангажирана на обвинителството да му се достават цврсти доказни материјали – објасни Дрецун.

Соговорникот на „Политика“ истакна дека сега е сменета политичката клима и постојат услови за утврдување на одговорноста за злосторствата на ОВК. Постојат актуелни сведоци и факти што сега не можат да се оспоруваат. Претходно обвинителката Карла дел Понте неповедувањето постапка за случајот „Жолта куќа“ го правдаше со тоа дека не се најдени тела на убиените лица. Меѓутоа, против Србите во Хаг се водеше постапка иако не беа најдени тела.

Во новата постапка пред Судот во Хаг ќе биде користено и сведочењето на авторот на текстовите објавени од агенцијата „Срна“, во кои се пренесени изјави од Албанци што учествувале во киднапирањето и малтретирањето на Срби на Косово, а потоа и нивно транспортирање во Албанија, каде што им биле вадени витални органи. Во текстовите се споменуваат и сумите што се заработувале од продажбата на човечките органи и вмешаноста на косовските државни функционери, објави „Политика“.
До доверливите материјали новинарот на „Срна“ дошол пред еден месец. Станува збор за материјали на 30 страници, а овие сознанија му биле пренесени и на претставник на обвинителството во Хаг, пренесуваат медиумите во Србија.