Употребата на пластични кеси ќе биде забранета во Белград од 1 јануари 2020 година, одлучија денеска одборниците во Собранието на градот.
Заменик-градоначалникот Горан Весиќ рече дека причината за донесувањето на таа одлука е Законот за управување со отпад, што го усвои Владата на Србија.
– Сакаме да го регулираме начинот на кој малопродажните продавници ќе користат пластични кеси. Оваа одлука стапува на сила на 1 јануари 2020 година, што значи дека ќе дадеме рок од повеќе од 15 месеци за малопродажните синџири да го решат овој проблем, рече Весиќ.
Според таа одлука, трговците се должни да ги отстранат од употребата пластичните кеси на продажно место, во сите малопродажни објекти поради нивната штетност за животната средина. Во исто време, од трговците се бара да обезбедат алтернативни решенија за пластичните кеси.