Наместо досегашната пракса, да бидат затворени во центрите за идентификација и регистрација, т.н. hot spots, бегалците што од сега, па натаму ќе пристигнуваат на шест грчки острови, нема да бидат под строгиот режим со ограничување на движењето и ќе можат да се движат слободно, одлучи грчкиот Уставен суд.
Станува збор за островите Лезбос, Самос, Хиос, Лерос, Родос и Кос кои се први на удар на бегалските и мигрантските бранови од Турција.
Според грчките медиуми, таа одлука нема да важи за оние кои што од 20 март 2016 се наоѓаат на шесте острови. Тие и понатаму ќе бидат под постоечкиот режим, но сите оние што ќе пристигнат во следниот период ќе имаат комплетна слобода на движење.
Уставниот суд на Грција, оценил дека спорното ограничување на движењето не е забрането од Уставот или од други законски одредби, а со воспоставениот режим барателите на азил се концентрираат само на едно место, а не на целата територија на земјата.
Од Министерството за миграциска политика на Грција, преку соопштение велат дека ќе ја разгледаат одлуката на Уставниот суд, и дека во грчкиот парламент „веќе е доставен закон во кој постои соодветна одредба со која се регулира прашањето“.
Одлуката на Уставниот суд доаѓа по поднесената жалба од грчкиот Совет за бегалци и барањето да се укине одлуката од 2016 на директорката на службата за азил, за ограничување на движењето на барателите на азил на 6те грчки острови.