По повод Светскиот ден на бегалците, организација Репортери без граници предупреди дека властите користат разни методи за да го опструираат медиумското известување за мигрантската криза као што се закани, заплашувања, апсења, прогон, неиздавање дозволи, одбивање барања за интервјуа, одземање опрема и депортација.
– На нашите општества не смее да им се ускрати известувањето за мигрантската криза која сега е во центарот на дебатата во Европа и други делови во светот – вели генералниот секретар на РСФ Кристоф Делор.
Тој истакна дека известувањето за бегалците не може да се смета за злосторство и праша зошто се приведуваат новинари, се запленува нивната опрема и им се забранува пристап до прифатните центри за бегалци.
– Владите имаат обврска и одговорност да не го опструираат новинарството од безбедносни причини и да не промовираат розев поглед на често трагичната реалност – рече Делор.
Вон Европа, како што се констатира, ситуацијата е уште полоша.
Во Нигер, Либија, Мјанмар и некои други земји известувањето од прва рака речиси е невозможно, а новинарите се опструираат и заплашуваат на секакви начини.
Со заплашување на новинари кои известуваат за бегалците, некои влади не само што сакаат да го скријат кршењето на меѓународните хуманитарни закони, туку и да обезбедат нивните сомнителни политички одлуки да останат непознати за јавноста, наведува РСФ.
Во текстот се спомнуваат и примери на новинари кои се соочувале со разни проблеми додека известувале за најголемата хуманитарна криза на 21 век.
Кога новинарот на италијанскиот весник „Република“ Алесандро Пуља направил приказна за прифатен центар за мигранти на Сицилија со интервјуа на мигранти кои тврделе дека се третирани „како животни“, помислил дека ќе следува истрага за центарот, но цел на италијанското правосудство станал тој.
Обвинет е за клевета, а на социјалните мрежи примил навреди и закани. Судењето му е закажано за октомври. Пуља вели дека е најлошо и „најнеприфатливо“ тоа што се соочува со „легален облик на заплашување“ со цел „новинарите да се обесхрабрат да ја работат својата работа“.
Меѓу другите се наведува и примерот на американскиот новинар Спенсер Вулф кој неколку месеци снимал докумантарен филм за „Гардијан“ за жителите на долината Роха кај француско-италијанската граница кои им помагаат на мигрантите. Тој таму е и уапсен и поминал повеќе од 24 часа во притвор под обвинение дека им помагал на илегални мигранти.
Зад официјалната цел на разбивање мрежи на шверцери со мигранти „се крие јасна желба да се опструира нашето известување на терен, вели новинарот фриленсер Рафаел Крафт.
Тој вели дека не е само полицијата таа која ги спречува новинарите да известуваат, туку и општинските власти и други државни агенции кои не одговараат на барањата на новинарите.