АЛБАНИЈА
Лидерот на Демократската партија, Љуљзим Баша, ја изедначи владата на Еди Рама со онаа на Северна Кореја, кога станува збор за странски инвестиции.
За шест години Рама во Албанија не донесе ниту една странска инвестиција. Албанија и Северна Кореја се двете земји без никакви нови странски инвестиции во последните шест години, изјави Баша во Грамш, на средба со раководството на Демократската партија.
– Последните две странски инвестиции се ХЕ „Девол“ и Трансјадранскиот гасовод, ТАП, нема повеќе инвестиции. И двата договора беа потпишани во времето на нашето владеење. Нема веќе странски инвестиции, ги истера. Зошто ги истера? За да ги заштити своите клиенти Еди Рама ги протера странските инвеститори и ги замени со своите клиенти – рече Баша, истакнувајќи дека без странски инвестиции нема развој, нема нови вработувања, нема благосостојба.
Претседателот на Албанија, Илир Мета, смета дека решението за политичката криза во земјата се избори, бидејќи, како што напиша на неговиот официјален фејсбук-профил, „нема демократија без избори, а нерешавањето на кризата му служи на малцинството што не сака отворање преговори со ЕУ“.