Лидерите на Европската Унија (ЕУ) денеска ќе одржат вонреден самит за ситуацијата во Белорусија, но членката на Унијата, Бугарија, се соочува со слични проблеми што се однесуваат на нејзината демократија, додека протестите траат веќе 42 дена, пишува „Еурактив“.
Протестите против корупцијата кои се одвиваат низ улиците на Софија во изминатите шест недели соединија луѓе од целата држава и од сите сфери на животот.
Гумен чамец имаше главна улога во покренувањето на бранот на протести минатиот месец кога Христо Иванов пристигна со него на плажа на брегот на Црното Море. Иако плажата е јавна, таа всушност е под контрола од политичар поврзан со власта, па настана метеж помеѓу Иванов и обезбедувањето на политичарот. Инцидентот го привлече вниманието и предизвика незадоволство.
Едно од лицата кои станаа познати во јавноста за време на протестите е адвокатот Николај Хаџигенов кој во повеќе наврати се обрати пред незадоволните граѓани. Фрустриран од состојбата во Бугарија, тој и двајца негови пријатели станаа активистичко трио кое дава предлози за нови протестни акции. Тие координираа со уличните блокади и со фрлањето на домати кон политичарите, со цел да ги одржат протестите.
Педесетгодишната Вера Иванова, гледајќи ги вестите за луксузните вили на бугарските олигарси, сфати колкав е јазот помеѓу нивните животи и нејзиниот. Мајката на 25-годишен син со инвалидитет, излезе на улиците барајќи отстранување на елитата за која вели дека и го „украла“ животот. Таа и синот примаат 211 евра месечно со што едвај врзуваат крај со крај, како што вели Иванова, додавајќи дека не може да си дозволи да го реновира домот, согласност со потребите на синот кој боледува од церебрална парализа.
Георги Георгиев (47) кој поседува мал бизнис во северозападниот дел на Бугарија, што е еден од најсиромашните региони во државата. Георгиев ја обвинува корупцијата за прашањето за пристапот до европските фондови за развој, чии средства локалните жители велат дека не стигнуваат до нив. Тој припаѓа на групата која не прифаќа никаков компромис со Борисов.
Извесно е дека демонстрантите се разликуваат, но сите се со иста цел – поттикнување на оставка од премиерот Бојко Борисов, како прв чекор кон промените во Бугарија.