Поранешниот банкар со француско-швајцарско потекло, државјанин на Франција, а во Грција обвинет за перење пари, Жан Клод Освалд, завчера успеал да се ослободи од електронската алка и да побегне од домашен притвор, јавија грчките медиуми.
Поранешниот банкар е обвинет во два големи скандала во Грција, за перење пари од митото земено за договорите за вооружување и во скандалот „Сименс“, за што се чека судската пресуда. Според медиумите во Грција, преку Освалд одело перењето пари, односно преку него митото било префрлано на сметки на офшор-компании, а потоа и на швајцарските сметки на грчки политичари.
Грчката полиција трага по Освалд, биле известени граничните премини и аеродромите, во случај тој да сака да побегне во странство, јави дописничката на МИА од Атина.
Освалд последен пат бил виден завчера кога со полициска придружба бил вратен дома, откако бил во суд. Тој успеал да го уништи системот за електронско следење и да побегне од една атинска населба.
Освалд беше уапсен во 2015 година, а во 2016 година мерката притвор била заменета со домашен притвор со електронски надзор.