Неколку балкански земји денеска се приклучија на договор на ЕУ што им овозможува на полициските агенции да ги споделуваат податоци за ДНК, отпечатоци од прсти и податоци за возила.
Министрите за внатрешни работи и официјални претставници од Албанија, Македонија, Молдавија, Црна Гора и Србија ја потпишаа Конвенцијата Прум на конференција за миграција и безбедност во Виена.
– Ова е пресвртница во борбата против организираниот криминал и шверцот на луѓе, како и тероризмот и екстремизмот, нагласи австрискиот министер за внатрешни работи, Херберт Кикл, чија земја моментно претседава со ЕУ.
Конвенцијата првично беше потпишана од Австрија, Белгија, Франција, Германија, Луксембург, Холандија и Шпанија во германскиот град Прум во 2005 година.
Оттогаш размената на податоци е дел од закон во Европската унија.