Големите туристички земји во регионот почнаа со промотивните активности, со намера да се прикажат како безбедни зони за летување за странските гости
Подобрувањето на епидемиолошката состојба со намалениот број на заболени, забрзаната вакцинација и издавањето на ковид-пасошите ги вратија надежите на туристичките компании и индивидуалните изнајмувачи на кревети од регионот пред претстојната туристичка сезона. Сите земји од Балканот и Медитеранот забрзано се подготвуваат да го фатат привиот бран на туристи, преку олеснување на процедурата за влез на туристите. Повеќето земји како услов за преминување на границата бараат да се прикаже сертификат за извршена вакцинација, други воведуваат дополнителен тест, а некои земји се обидуваат да прогласат слободни зони за одмор, како што е Италија, која се обидува да ја забрза вакцинацијата на жителите на нивните острови во Средоземно Море.
Хрватска, која минатата година имаше доста либерален режим за престојување во нејзините туристички места, годинава има пооптимистички очекувања за приливот на гости за претстојната сезона. Туристичките здруженија се задоволни од бројот на гостите во овој период од годината, а тоа го покажа и минатонеделниот продолжен викенд, кога голем број гости од околните земји се упатија на хрватското крајбрежје.
– Можеме да кажеме дека има значаен пораст во однос на минатата година. Од среда за влез во Хрватска се применува ковид-потврдата, но патниците од ЕУ доаѓаат и со негативен ПЦР-тест и антигенски тестови, или со потврда за прележан ковид. Потврдите со кјуар-кодот го забрзуваат прометот на граничниот премин – изјави Никола Јелиќ, раководител на граничната полиција на Брегана.
Оптимизмот кај хрватските хотелиери се зголемува и од фактот што хрватскиот брег повеќе не е означена со црвена боја на најважната европска корона-карта, која се објавува од Европскиот центар за контрола и превенција на болести.
– Намалувањето на бројот на заболени лица веќе се одразува на побарувањата за легла, а резервациите се поголеми од лани во овој период. Расте желбата за патување кај луѓето. Во некои видови сместувачки капацитети, првенствено во кампингот и хотелите со повисоки категории, резервациите се приближуваат на нивото од 2019 година – вели Бернард Зензеровиќ, директор на Здружението на хотелиери во Хрватска, во изјава за „Вечерњи лист“.
Грција по излегувањето од карантинот на средината на мај годинава сѐ повеќе е посетена од српските државјани.
– За влез во земјата се применуваат стандардните процедури пропишани од Европската Унија, но странските гости мора да направат задолжително тестирање за децата постари од пет години, што им ги зголемува трошоците за летување. Овие правила важат до седми јуни и ние очекуваме дека ќе се донесат нови правила. Имаме информација дека старосната граница за тестирање на децата ќе се зголеми на десет години. Очекуваме да се применува и антигенски тест, бидејќи цената на ПЦР-тестот е проблематично висока за нашите граѓани. Секоја земја воведува сопствени правила за влез на туристите. Луѓето се снаоѓаат, заминуваат порано на летување и се тестираат и во Македонија, каде што се наплаќа околу 30 евра за еден тест – вели Александар Сеничиќ, директор на асоцијацијата на туристички агенции ЈУТА.
Во Грција во еден ден влегле над 50 автобуси со српски патници, кои се упатиле главно во Паралија, најомиленото туристичко место за Србите. Границата меѓу Македонија и Грција се поминува брзо. Грчките граничари ги проверуваат ковид-пасошите електронски уште во автобусот, а на царина се предаваат само пасошите. Цените не се сменети во однос на претходните години, а во некои кафулиња се и намалени цените, поради намалениот број на гости.
Црна Гора овозможи влез на државјаните на земјите-членки од ЕУ и од Израел без какви било услови. Здравствените власти на ЦГ ги намалија мерките за ограничување што важеа за време на неповолната епидемиолошка состојба. Според новите мерки, кои ќе важат до 18 јуни, се дозволуваат матури, свадби и други прослави на отворен простор и на терасите на угостителските објекти. Министерката за здравство на ЦГ, Јелена Боровиниќ-Бојовиќ, изјави дека се дозволени и излети и екскурзии до 50 лица, но со почитување на препораките. Танцување и музиката во живо се забранети во внатрешноста на објектите, но се дозволува пуштање музика преку електрични апарати и танцување и музика во живо на терасите.
Со подобрувањето на епидемиолошката слика, и македонските хотелиери најавуваат отворање на своите угостителски објекти од јуни годинава.