Земјите од Југоисточна Европа и Австрија водат консултации за блокирање на новиот прилив на имигранти по „балканската рута“, изјави денеска министерот за внатрешни работи Херберт Кикел.
Тој по телефонските разговори со неговите колеги од Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Грција, Косово, Србија и Словенија, австрискиот министер посочи дека се договориле за „оперативен и политички план“.
Кикел, кој е од редовите на Партијата на слободата, позната по антиимигрантски ставови, не соопшти повеќе детали.
Портпаролот на високиот комесар на ОН за бегалци Чарли Јаксли изјави дека бројот на мигранти расте, но, потенцира оти новопристигнатите се многу помалку во споредба со кризата од пред две години.
Во Албанија од почетокот на јануари, прибежиште побарале 1700 лица, а во цела 2017 година, тој број изнесувал 1050.
Во Црна Гора, од јануари годинава 858 лица поднеле барање за азил, а лани – 849.
– Во Босна и Херцеговина, од петте илјади мигранти пристигнати од почетокот на годината, 80 проценти пристигнале во мај, посочи Јаксли.
На денешната средба меѓу австриски канцелар Себастијан Курц со албанскиот премиер Еди Рама беше потенцирано дека заеднички ќе се борат против илегалната имиграција.
Според комисијата на ОН, најбројните групи имигранти по „балканската рута“ се составени од Сиријци, Авганистанци и Пакистанци.
– Многу од нив бегаат од војна, насилство и прогон – изјави Јаксли, истакнувајќи дека многу од тие кои пристигнуваат имаат потреба од меѓународна заштита.